Легендарната италијанска актерка Моника Вити, која се прослави во филмовите на Микеланџело Антониони, почина на 90 години. Министерот за култура Дарио Франческини ја опиша Вити како кралица на италијанскиот филм.
Родена како Марија Луиза Чечарели, Вити дипломирала на Националната академија за драмски уметности во Рим во 1953, по што почнала да работи во театар. Откако била забележана од Антониони, двајцата почнале уметничка и интимна врска.
„Имав среќа да ја почнам кариерата со човек со голем талент“, се присети Вити во едно интервју.
Таа се стекна со меѓународна слава со филмот „Авантура“ од 1960, по што играше во уште два класика на Антониони, „Ноќ“ со Марчело Мастројани и „Затемнување“ со Ален Делон. По ерата со Антониони, Вити почна да снима комедии, при што најчесто соработуваше со режисерот Марио Моничели.
Последните филмови ги сними во почетокот на 1990-ите, по што ѝ беше дијагностицирана Алцхајмерова болест и се повлече од сцената. Во кариерата освои седум италијански златни глобуси и Златен лав за животно дело во Венеција.