Ненадејно почина Милан Завков, врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, соопшти „Танец“. Имаше 61 година.
Утре во 10 часот во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) ќе се одржи комеморација, а погребот е во 12 часот на Градските гробишта во Бутел во Скопје.
Завков започнува да свири хармоника од 8- одишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец„ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
„Но, без разлика на видот на дипломата, Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970 година, со популарниот ‘Октет Македонија’ ја снима својата прва плоча, а во својата четиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група ‘Македонски мерак’ остварува врвни музички интерпретации и значаен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи“, велат од „Танец“.
На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и стекнува углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Од 2000 Завков е вработен во „Танец” како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.