Доли Партон, кралицата на кантри музиката, почина на 80 години. Внукот на Партон, Брајан Сивер, ја сподели тажната вест на нејзиниот профил на Инстаграм.
„Ја замислував тежината на овој момент, но навистина не ја почувствував досега. Тоа е чест, чест измешана со апсолутна гордост и голема тага“, објави Сивер.
Партон почина мирно во својот дом во Нешвил, изјави нејзин претставник.
Таа во септември минатата година објави дека ја откажува серијата концерти во Лас Вегас поради одредени здравствени проблеми и потоа не присуствуваше на доделувањето на предоскаровските Гувернерски награди, каде што требаше да ја прими почесната хуманитарна награда „Џин Хершолт“. Во изминатите месеци, Партон неколкупати се огласи во јавноста за да каже дека е добро.
Нејзиниот сопруг, бизнисменот Карл Дин, почина на 82 години на 5 март 2025. Тие поминаа во брак 58 години.
Иконата на кантри музиката се издигна од сиромашно детство до глобална суперѕвезда, чии успеси и популарност траеја со децении. Првата песна ја напишала кога имала само шест години и потоа никогаш не престанала да создава музика. Беше толку надарена што во еден ден напишала две од најголемите песни на 20. век, „Џолин“ (Jolene) и „Секогаш ќе те сакам“ (I Will Always Love You).
По преселбата од Тенеси во Нешвил во 1964, Партон тешко се пробивала како пејачка и текстописец, сѐ додека не снимила дует со пејачот Бил Филипс. Тоа бил вовед во плодната музичка соработка со кантри ѕвездата Портер Вагонер, а првиот топ-10 хит го имала во 1968. Но, како што кажа своевремено, таа дошла во Нешвил за да стане соло ѕвезда.
Во кариерата продаде над 100 милиони албуми, со што е една од најуспешните музичарки на сите времиња. Има добиено 11 Греми награди, вклучувајќи за животно дело.
Од каталогот од стотици песни, таа имаше рекордни 25 синглови број 1 во американската кантри-музика и 47 албуми во топ-10. Таа се проби и во поп-музиката со песната „9 до 5“, која беше број еден во САД во 1980 и ја балансираше својата музичка кариера со глумата, добивајќи две номинации за Златен глобус за нејзините улоги.
Покрај музиката и глумата, Партон беше и остроумна бизнисменка и филантроп. Ја основа компанијата за филмска и ТВ-продукција „Сандолар“, која потоа продуцираше хитови како што се серијата „Бафи, убиецот на вампири“ и филмовите „Таткото на невестата“. Во 1986 купи удел во тематскиот парк „Силвер Долар Сити“ во Тенеси и го преименуваше во „Доливуд’, удвојувајќи ја неговата големина во следните две децении.
Фондацијата „Доливуд“, финансирана преку овие деловни потфати и креативни проекти, беше создадена во 1988, првично доделувајќи стипендии за колеџ и водејќи шема за помош на децата да завршат средно училиште во нејзиниот роден округ Севиер.
Во 1995 година, Партон го започна својот проект „Библиотека на имагинацијата“, кој испраќаше книга соодветна на возраста до секое дете во округот секој месец додека не наполни пет години.
„Мојот татко не можеше да чита и пишува и видов колку тоа може да биде осакатувачко“, рече таа.
Проектот се прошири низ целата земја во 2000 година, а на меѓународно ниво во 2006. Речиси 25 милиони книги сега се дистрибуираат секоја година низ САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Ирска.



