ПОЧИНА МИРКО ПОПОВ, ЕДЕН ОД ПИОНЕРИТЕ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА СЦЕНА ВО МАКЕДОНИЈА

    ПОЧИНА МИРКО ПОПОВ, ЕДЕН ОД ПИОНЕРИТЕ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА СЦЕНА ВО МАКЕДОНИЈАМирко Попов беше сеприсутна појава во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко (Фото: Фејсбук)

    На 51 година почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика. Попов неколку дена беше хоспитализиран на скопскиот Клинички центар по мозочен удар.

    Мирко Попов беше сеприсутна појава во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, постојано снимаше и издаваше музика и неуморно промовираше млади музичари.

    Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнал да купува плочи и ја засакал музиката уште во основното училиште, што резултирало со првите роденденски диџеј сетови во раните 1980-тите. Неколкуте авангардни музички револуции во тоа време, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката помогнале да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во натамошните одлуки.

    Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“.

    Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. „Канал 103“ бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната мултимедијална група (ПМГ Колектив) во 1995 од Мирко Попов и Александар Малевски како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прерасна во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 1990-тите беа суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј имаше можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои привлечни европски клупски одредишта.

    Во 1998 ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која ја регистрираше и промовираше квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата со над седумдесет изданија. Во 2003 го формираше бендот „ПМГ Колектив“, каде беше автор на музика и текстови и вокалист.

    Во 2011, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата „Патерн ПМГ“, специјализирана за електронска денс музика. Беше дел и од култниот бенд/проект „Кантон 6“.

    Има издадено албум и неколку миниизданија и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав Сетстет. Од 2020 продуцираше, издаваше и настапуваше и како соло артист под името „Мирко Попов квартет“.

    Има остварено повеќе улоги во театарски претстави и на филм и напиша неколку музики за театар и филм. Режираше радиодрама.

    Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103 – Љубовно писмо до алтернативната култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До небото замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички спотови.

    Автор е на книгата „20 години те сакам“, „Монографија за ПМГ колектив” и на книгата за деца „Розевата планета”, издадена за Чудна шума на македонски и албански јазик. Како музички новинар пишуваше текстови во Трн, Реборн, Урбан магазин, Тротоар, Скопско метро и други, објавуваше своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифти други.

    Заедно со музичарот Владан Дробицки беше идеен творец на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, беше иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“. Попов е еден од ретките кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари, а одличен доказ за тоа е оваа платформа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира