ПОЧИНА НЕВЕНА КОЧОВСКА, ПЕЈАЧКА НА ЛЕГЕНДАРНАТА ГРУПА „МАЊИФИКО“

    ПОЧИНА НЕВЕНА КОЧОВСКА, ПЕЈАЧКА НА ЛЕГЕНДАРНАТА ГРУПА „МАЊИФИКО“Последен пат Невена и Панче заедно со ќерките Тања и Лидија Кочовски настапија во февруари 2017 кога „Мањифико“ доби Златна Буба Мара за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    Почина Невена Кочовска, пејачката на легендарната група „Мањифико“, една од најпопуларните групи во 1960-70-те во поранешна во поранешна Југославија, објави семејството. Имаше 81 година.

    Невена, која со години боледуваше од Алцхајмерова болест, е мајка на популарните пејачки Тања и Лидија Кочовски, а татко им Пантелеј Кочовски-Панче беше еден од основачите на групата. Последен пат Невена и Панче заедно со ќерките настапија во февруари 2017, кога со изведба на мексиканската песна „Мама Хуанита“ беше одбележано признанието Златна Буба Мара за животно дело на ансамблот „Мањифико“.

    Ансамблот бил формиран во 1959 година и постоел до 1990 година. Го формирале Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство за да настапат на приредба. Од бригадирите им се приружил Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов-Митко, одличен гитарист и вокал, а следната 960 година, во Музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името „Мањифико“.

    Тито ja канел „Мањифико“ да настапува пред дипломатскиот кор во тогашната СФРЈ, а мексиканскиот претседател им подарил оригинални мексикански носии за настапите (Aрхивска фотографија)

    На четворката, по 10 години ѝ се приклучува и извонредниот гитарист и пејач Петар Галев. Во „Мањифико“ во одредени периоди значајно учество имале и Јане Коџабашија, Миле Лукаров и Миле Барбаровски. Во текот на 31- годишното постоење „Мањифико“ настапила во 37 земји на сите континенти, имала 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи. И дискoграфската продукција на „Мањифико е импозантна“: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видеокасета, 3 аудио компакт дискови и 1 DVD, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж.

    Радиостаниците за „Мањифико“ емитувале 192 емисии, а на 16 ТВ станици се снимени 140 полчасовни и едночасовни шоу програми. Нивниот концертен репертоар е составен од 320 песни, најмногу од латиноамериканско и шпанско поднебје, но и од светски евергрини, како и македонски староградски бисери.

    „Мањифико„ настапувала пред претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, а неколкупати и пред дипломатскиот кор на тогашната федерација. Мексиканскиот претседател Лопез Матеос, воодушевен од изведбите на „Мањифико“ ѝ подарил комплет мексикански оригинални народни носии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира