Утрово во Скопје почина Милка Ефтимова, оперска примадона која настапувала во повеќе од 20 земји во светот. Имаше 89 години. Веста за смртта на Ефтимова ни ја потврди нејзината ученичка, оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова.
„Се слушнавме пред два дена. Ми рече дека не е добро, но се надева дека ќе биде подобро. Утрово, нејзиниот внук ми јави дека починала. Редовно се слушавме и ја посетував. Таа беше моја професорка осум години и ми ја следеше целата кариера и сите настапи. Во секое време знаеше каде ќе настапувам следно, ми беше голема поддршка“, ни рече Ѓиновска-Илкова.
Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана, и предавала на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Во 1961 за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со улогата на Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.
„Таа е вокална солистка, кој отпеала четириесет оперски улоги, многубројни партии во ораторијални дела, кантати, многу соло песни. Уметница, која повеќе од 1.200 пати застанала на оперската и на концертна сцена, во дваесетина земји на светот. Таа е вокална солистка, примадона на македонската опера, која во текот на својата повеќедецениска кариера, сето она што го вградила во музичката култура кај нас, но и во други земји каде што делувала, е мошне значајно“, рече професорот д-р Александар Трајковски во 2023 по повод изложбата на нејзините лични предмети.
Во 2022, претседателот Стево Пендаровски ја одликува Милка Ефтимова со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот „исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност“.
Ефтимова последните години од животот ги помина во дом на стари лица во Скопје. За последниот роденден во февруари годинава, Ѓиновска-Илкова со уште неколку блиски на Ефтимова ја изненадија со торта во домот за стари. Ѓиновска-Илкова вели дека ова бил многу емотивен ден за сите станари во Домот. Истиот ден, таа требала да го носи сина си на факултет во Солун, но го откажала патувањето, за да го помине денот со нејзината професорка.
„Таа беше радосна, среќна, исполнета и насмеана ги почести сите со својот документарец и нејзиниот глас. Некои емотивно плачеа, некои се сеќаваа дека ја гледале на сцената. Дотерана како и секогаш, седеше и уживаше во прославата. Дуваше свеќи, се напивме кафе и јадевме торта. Милка е жена која ја има контролата врз својот живот. И во староста е со бистар ум“, ни рече Ѓиновска-Илкова во февруари.

Оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова заедно со уште неколку пријатели организираше забава за 89.роденден на оперската примадона Милка Ефтимова, во февруари годинава во домот за стари лица каде што таа претстојуваше. (Фото: Фејсбук)
Во декември 2023, се организираше изложба на личните предмети на Ефтимова кои ги донираше на Музејот на македонската борба во Скопје.
„Ви благодарам на сите што дојдовте. Добро е, издржав, инаку срцето ќе ми пукнеше од среќа“, кажа Милка Ефтимова по настапот на оперските пејачи во нејзина чест, а за време на настапите на нејзините помлади колеги ги потпевнуваше ариите кои ги пеела на домашната и на светските оперски сцени.
Во музејот беа изложени лични предмети на Ефтимова: фустани во кои настапувала, плакети, фотографии и награди. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Познати оперски арии, во пијано придружба на Андреј Наунов, испеаја Весна Ѓиновска-Илкова, Владимир Саздовски, Ристе Велков и Јаворка Витанова. За животот на Ефтимова зборуваше професорот д-р Александар Трајковски, музичкиот публицист кој е ѝ беше личен пријател.
Националната опера и балет (НОБ) објави дека посмртните останки ќе бидат изложени в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.
М. ЏАРОВСКА