Режисерот Вилијам Фридкин, најпознат по оскаровецот „Француска врска“ (The French Connection) и блокбастерот „Истерувач на ѓаволот“ (The Exorcist), почина денеска во Лос Анџелес. Имаше 87 години. Неговиот последен филм, „Воениот суд за бунтот на Кејн“, со Кифер Сатерленд во главната улога, треба да биде премиерно прикажан на престојниот филмски фестивал во Венеција.
Заедно со Питер Богданович, Френсис Форд Копола и Хал Ешби, Фридкин се искачи на А-листата во 1970-тите, дел од новата генерација енергични филмаџии спремни на ризик. Комбинирајќи го своето искуство во телевизијата, особено во документарниот филм, со најсовремениот стил на монтажа, Фридкин внесе голема енергија во жанровите хорор и полициски трилер во кои се специјализираше.
„Француска врска“ освои неколку Оскари, меѓу кои и за најдобар филм, за режисер и за актерот Џин Хекман и стана камен-темелник за полицискиот жанр на филм и телевизија во наредните години. По славата на „Француската врска“ дојде „Истерувач на ѓаволот“ од 1973, кој заработи неверојатни 500 милиони долари ширум светот и, заедно со „Кум“, ја иницираше блокбастерската ера во филмовите. Тоа му донесе на Фридкин втора номинација за Оскар за најдобар режисер. По неговиот успех со значајните филмови од 1970-тите, Фридкин го сними супериорниот трилер „Да се живее и умре во Л. А.“.
Фридкин имаше забележителни дела и на ТВ како и низа документарци.