Директорот на Белградската филхармонија Иван Тасовац синоќа почина ненадејно во својот дом во Белград, на 55 години. Тасовац беше реномиран пијанист, од 2001 до 2013 беше директор на Филхармонијата, од 2013 до 2016 министер за култура, и во 2017 повторно се врати на чело на Филхармонијата.
Роден е во Белград, а дипломирал и магистрирал пијано на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва. На 12 години дебитирал како пијанист со Филхармониите на Белград и Загреб. За време на кариерата како пијанист, настапуваше како солист и со оркестри во Италија, Швајцарија, Шпанија, САД, Русија, Белгија и поранешните југословенски републики.
Во мандатот како директор од 2001 до 2013, Белградската филхармонија стана „култен српски оркестар“ („Фајненшл тајмс“), „еден од водечките европски оркестри“ („Индипендент), „оркестар кој гледа само напред“ („Вашингтон пост“ ) и „ансамбл кој со себе носи голема доза наследство и гордост“ („Њујорк тајмс“).
Во тој период беше реконструиран објектот на Филхармонијата, голем дел од инструментите беа обновени, оркестарот подмладен и беа ангажирани најквалитетните музичари кои се враќаа од школувањата во странство.
Во 2004 ја основаше Фондацијата на Белградската филхармонија „Зубин Мехта“ која се смета за главен промотор на моделот за финансирање на културата преку соработка на приватниот и јавниот сектор во Србија.
Белградската филхармонија на 9 октомври, според последните најави, треба да одржи концерт во Филхармонијата во Скопје.