ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ

    ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИПрозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, Андреевски со својата поезија ќе остане запаметен како „поетот на добрината“. (Фото: Арс Ламина)

    Во Скопје вчера почина поетот, раскажувач и писател за деца Цане Андреевски, само пет дена пред неговиот 95. роденден, соопшти семејството. Прозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, Андреевски со својата поезија ќе остане запаметен како „поетот на добрината“.

    Со сопругата Оливера Николова, која почина на 4 номеври 2024 на 88 години, беа едни од најзначајните македонски писатели. Тие се родители на композиторката Јана Андреевска.

    Авторските инспирации на Андреевски беа широки. Од творештвото за деца ќе останат запаметени збирките поезија „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989); расказите за деца „Јаготки“ ( 1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005), а од поезијата за возрасни: „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски (1982).

    Во 2007 стана еден од првите македонски поети кој се испроба и во хаику-поезијата преку збирката „Дождот“. Особено значаен се смета неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин. Во 2020 издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави неговата зборка раскази за деца „Малата голема точка“.

    Андреевски е роден е на 10 јули 1930 година во Кратово, каде што завршил основно училиште, а во Скопје завршил Учителска школа и Филозофски факултет. Како млад новинар учествувал во уредување на списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминал во Радио Скопје, каде многу години бил уредник на Културната редакција и заменик-директор. Бил член на редакцијата на списанието „Разгледи“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1957. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“ и „РТВ Скопје“ на Струшките вечери на поезијата, како и на „Книжевен жезол“ во 2016.

    Последна почит на Цане Андреевски ќе му биде оддадена на 7 јули на градските гробишта Бутел во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира