Сачин Литлфедер, американската Индијанка активистка која славно го одби Оскарот на Марлон Брандо за „Кум“ во негово име на церемонијата на доделувањето, почина на 75 години, објави синоќа американската Академијата за филмски уметности и науки. Литлфедер боледувала од рак на дојка.
Брандо доби Оскар за најдобар актер во 1973 за неговата улога во „Кум“, но не присуствуваше на церемонијата, протестирајќи за поддршка на правата на Индијанците. Литлфедер дојде на настанот во име на Брандо. Таа одби да ја прими наградата и одржа краток говор објаснувајќи дека одбивањето на актерот се должи, делумно, на „постапувањето со американските Индијанци денес од филмската индустрија … и на телевизија, во репризите на филмовите“. Краткиот говор на Литлфедер на Оскарите во 1973 бил гледан од 85 милиони луѓе и се смета за прва политичка изјава на телевизиска церемонија.
Литлфедер, тогаш 26-годишна, беше исвиркана; таа подоцна тврдеше дека чуварите зад сцената морале да го спречат актерот Џон Вејн да не ја нападне. Други поединци зад сцената, наводно, правеле навредливи гестови. Таа беше на црната листа на Холивуд по церемонијата.
Во август годинава, Академијата за филмски уметности и науки издаде формално извинување до Литлфедер поради третманот кон неа. Телото што ги надгледува Оскарите го опиша нејзиниот настап како „моќна изјава која продолжува да не потсетува на неопходноста од почит и важноста на човечкото достоинство“.
„Не верував дека ќе го дочекам денот кога ќе ми се извинат. Ние Индијанците сме многу трпеливи луѓе. Па, поминаа само 50 години“, рече тогаш Литлфедер.