Почина сликарот и истражувач Александар В. Настески од Тетово, соопшти семејството. Имаше 74 години.
Настески е еден од истражувачите на карпестата уметност на Шар Планина, а за негови откритија се сметаат две праисториски ритуални карпи од долината на реката Пена, Адам од Пена и Рибите од Пена.
„Всушност се работеше за праисториски артефакти. За траги на постоење и битисување на нашите претци од дамнешната претисторија. И тогаш ми се отвори еден нов, прекрасен, незаборавен свет. Свет кој зборува за мајката Земја, за таткото Сонце, за родноста во природата, кај животните и кај луѓето, а тие гравири, пиктажи и рељефи беа вистински ликовно-наративни композиции. Тие и денес се неверојатно живи, всушност тие се вечни“, изјави Настески во интервју за Радио Слободна Европа во 2018 пред неговата последна изложба во КИЦ во Скопје.
Има над 30 изложби во земјава и во Франција и Италија, а неговите дела се најчесто со масло, комбинација на пејзажи, портрети и мртва природа. Завршил Педагошка академија во Скопје и Академија за применета уметност во Белград. Беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Лани ја доби наградата за животно дело „19 Ноември“ што се доделува по повод ослободувањето на Тетово.