„Читај во 7/8“ е темата на македонскиот штанд на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски собири на издавачката индустрија, ќе се одржи од 7 до 11 октомври. Претставувањето го организира Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), од каде велат дека годинава ќе има освежен изглед на националниот штанд, со повеќе книги и автори и со појасно структурирана понуда наменета за меѓународниот издавачки пазар.
„Асоцијацијата го продолжува препознатливиот комуникациски концепт ‘Читај во 7/8’, воспоставен минатата година како идентитет на националниот настап во Франкфурт. Ритамот 7/8, карактеристичен за македонската музичка традиција, во овој концепт е пред сè метафора за македонската книжевност – книжевност со сопствен ритам и препознатлив глас“, велат од МАИ.
Според издавачите, во фокусот ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, како и можностите за поддршка на нови преводи и странски изданија. Посебен акцент на годинашното претставување ќе биде ставен на можностите за финансиска поддршка на преводот и објавувањето македонски автори во странство. На Саемот во Франкфурт, МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод на странски јазици.
„Присуството во Франкфурт не го гледаме како краткотрајна презентација, туку како процес што мора да се гради од година во година. Во изминатиот период поставивме основа – препознатлив концепт, каталози со најдоброто од македонската книжевност, и директни контакти со меѓународниот издавачки сектор. Годинава одиме чекор понатаму: со повеќе книги и автори, со јасно структурирана понуда и со конкретни можности за финансиска поддршка на преводите и странските изданија. Нашата цел е интересот за македонските автори да го претвораме во конкретни преводи, изданија на други јазици и долгорочни партнерства“, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
На годинашното, 78. издание на Саемот, земја почесен гостин е Чешка.



