Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Христо Петрески поднесе оставка од здравствени причини, стои во објавата на фејсбук страната на Друштвото. Тој беше избран на оваа функција во мај 2022. Минатата недела, осум од девет члена на Претседателството на ДПМ поднесоа оставки: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска , Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски.
„Им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати“, вели Петрески.
Во реакцијата на Претседателството по оставките на членовите, стои дека пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото. Но дел од членовите бараат да се свика Собрание на ДПМ и да се избере ново раководство.
Б. НЕСТОРОСКА