Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје ќе го дигитализира творештвото на поетот, есеист и политичар Анте Поповски (1931-2003).
Од Библиотеката соопштија дека потпишале договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива.
Директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска вели дека целокупното творештво и дејност на „великиот Анте е од непроценливо значење за македонската култура и сметаме дека како институција сме должни да го заштитиме и промовираме денес, но да го оставиме достапно и за идните генерации“.
Дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографиите и дел од личната преписка со значајни творци од 20. век е направена од Атина Цветаноска, член и еден од основачите на Здружението.
„Овие материјали во дигитална форма ги отстапуваме на Библиотеката, бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на Антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик “, велат Александар и Жорж, синови на Анте Поповски и основачи на Здружението.
Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата Дигитална библиотека во посебна секција. Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“.
Ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Поповски, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 на која е тој има една година и е заедно со родителите. Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од коресподенциите со двајца добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.
Договорот за дигитализација на творештвото на Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина Песна“.
На крајот од оваа година предвидена е и јавна презентација на сработеното пред студентите по филологија.