ПОРАДИ ДОЛГОВИТЕ НА ПРОЈКОВСКИ ДОЦНЕА ХОНОРАРИТЕ, „МАМА МИА“ ПАК ЌЕ ИГРА ОД ВЕЧЕРВА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТ

    ПОРАДИ ДОЛГОВИТЕ НА ПРОЈКОВСКИ ДОЦНЕА ХОНОРАРИТЕ, „МАМА МИА“ ПАК ЌЕ ИГРА ОД ВЕЧЕРВА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТМјузиклот „Мама миа“ во режија на Наташа Поплавска и кореографија на Олга Панго, ќе се изведе вечерва во 20 часот, по пауза од седум месеци. - Од премиерата во 2017 (Фото: М. Златевска)

    По седум месеци пауза од последната изведба во јули 2018, мјузиклот „Мама миа“ во режија на Наташа Поплавска и кореграфија на Олга Панго, од вечерва (20 часот) пак е на репертоарот на Македонскиот народен театар (МНТ). МНТ е носител и продуцент на мјузиклот работен со најголемите хитови на шведската група „АББА“, во копродукција со словенечкиот партнер „Проспот“, застапуван од славниот југословенски скијач од осумдесеттите години Јуре Франко.

    Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК утрово доби анонимна е-пошта со повеќе обвинувања за МНТ, за неисплатени хонорари, дека екипата имала само еден ден за проба, дека голем дел од екипата е заменет, како и дека се позајмува опрема од Велешкиот театар.

    Директорката Симона Угриновска вели дека од претходниот директор Дејан Пројковски наследи долг од 150.000 евра и дека досега МНТ досега успеал со сопствени средства да го намали долгот на 60.000 евра (Фото: М. Златевска)

    „Тенденциозен и личен удар се обвинувањата дека МНТ има неисплатен долг кон соработниците и дека е не е технички способен да ја опслужи претставата ‘Мама миа’ “, вели  директорката Симона Угриновска.

    Директорката вели дека е точно оти има неисплатен долг кон надворешните соработници, но дека кога дојде на функцијата таа наследи долг од претходниот директор Дејан Пројковски од 150.000 евра и дека досега МНТ досега успеал со сопствени средства да го намали долгот на 60.000 евра. Таа додава дека од минатиот месец започнала исплатата на неисплатените хонорари кон надворешните соработници.

    „Ние ги молевме да ја играат претставата, бидејќи колку повеќе се игра, побрзо ќе им се исплатат хонорарите, но тие одбиваа“, вели дирекорката.

    Лани во август, инспектори од Oдделот за организиран криминал од Министерството за внатрешни работи по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство започнаа истрага за работењето на Пројковски. Пројковски беше директор на МНТ од 2015-2017, а претходно 4 години беше уметнички директор. Угриновска лани во февруари дојде на местото на Драган Спасов-Дац.

    Режисерката Наташа Поплавска (во средина) со дел од екипата на претставата „Мама миа“ на прес-конференција во декември 2017 (Фото: М. Златевска)

    „За сите случувања јас сум во контакт со носителот на лиценцата, словенецот Јуре Франко. Тој е запознаен со сѐ, па зар мислите дека Словенците ќе дозволат какви било пропусти. Не е точно дека од секоја изведба имаме заработка по 10.000 евра. Ние од секоја изведба плаќаме давачки и кон Словенците и кон Американците, кои ги имаат правата за мјузиклот“, вели Угриновска.

    За обвинувањата за користење техничка опрема од Велешкиот театар, таа вели дека е нормална работа културните институции да си помагаат и позајмуваат техничка опрема, и дека со Велешкиот театар работат уште од премиерата на „Мама миа“.

    Режисерката Поплавска ги негира обвинувањата дека е одржана само една проба, напротив, вели таа, цела недела течат пробите. Во делот каде се наведува дека за вечерашната изведба има замена на оркестарот и балетскиот ансамбл, режисерката вели дека ниеден мјузикл во светот не е поставен без алтернација.

    „Мјузикл не ни може да почне да се работи без двојна постава. Исто како и за претходниот мјузикл ‘Чикаго’ уште на почетокот имавме дупли оркестар, а на ‘Мама миа’, имаме и замена на диригент, наместо Бисера Чадловска тоа е диригентот Иван Еминовиќ, имавме алтернации за актерите, балетските танчари и за оркестарот. Смешни се обвинувањата и тенденциозни и сакаат да наштетат на волку убав и успешен проект. Јас имам среќа што и за двата мјузикли уште на самиот старт продуцентка беше Угриновска“, ни изјави режисерката.

    Премиерата на „Мама миа“ беше во декември 2017, и секоја изведба беше со денови однапред распродадена. Во проектот се вклучени 70 луѓе, а глумиците Нина Деан и Биљана Драгичевиќ-Пројковска ги играат главните улоги на мајката и ќерката Софи и Дона Шеридан.

    Препевот и преводот ги направи актерката Тина Трпкоска. Сценографијата е на Александар Дениќ, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари