Работиме на конципирање на конкурс за серии кој би бил отворен во јануари, веќе десет години немало ваков конкурс во Агенцијата за филм, рече директорот на Агенцијата, Сашко Мицевски, на вчерашниот брифинг со министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Зборувајќи за филмските проекти, Мицевски рече дека периодов се снима филмот „Збогум, Копакабано“ (работен наслов „Биста“) на режисерот Милчо Манчевски, а до крајот на годината ќе се снимаат уште два, можеби и три долгометражни филма, „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спасуваат светот“ на Марјан Гавриловски.
Мицевски кажа и дека се работи на јасно дефинирање што е филм од национален интерес.
„Има многу дела кои мислам дека не треба да припаѓаат во таа категорија и треба да се јават за финансирање во МРТ или во други сродни институции“.
Мицевски e филмски и ТВ-монтажер и дизајнер на звук, кој на 20 јуни беше именуван од Владата за в. д. директор на Агенцијата за филм. Тој вчера зборуваше и за тоа дека е четврти директор за период од повеќе од една година.
„Со многу работа и со многу млада енергија се ‘пеглаат’ работите, но има уште многу работа. Јас сум од редот на филмските работници и како член во Филмскиот совет пет години доволно добро бев запознат каде се заплеткани работите во Агенцијата и можам да ги разберам и внатре проблемите на филмските работници. Имаше многу забелешки од Државниот завод за ревизија и генерално од јавноста за начинот на кој се финансираат филмовите и како се одвива процесот на бодување на проектите. Наоѓам начин како јавноста да биде информирана согласно законската рамка за бодовни листи за тоа кои се рецензенти и кои се условите некој да биде рецензент, како се доделуваат средства и слично. Сакам да им помогнам и на младите филмски работници и да направам отворен ден во Агенцијата за филм за да можат да добијат поддршка и информации, Во крајна фаза сме на објавување резултати од првиот рок на конкурсот. Се надевам дека ќе биде во најбрз можен рок“, кажа Мицевски.
Б. НЕСТОРОСКА