Праизведбата на текстот „Парови“ по текст на Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска премиерно ќе се изведе утре (18 мај) во Драмски театар во Скопје. Директорката на Драмски, Викторија Рангелова-Петрова, на денешната прес-конференција кажа дека оваа институција отсекогаш им давала простор и поддршка на македонските драматурзи и млади режисери, а тоа продолжува и со оваа поставка на „Парови“.
Ристоска-Трпеноска рече дека текстот е за пет парови, дисфункционални парови.
„Со ‘Парови’ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ“, рече драматургот.
Според режисерката Ангеловска, „Парови“ е претстава за човековата потреба за љубов, за поврзаност, но и за потребата да бидеш осамен, да бидеш оставен, за копнежот по љубов.
Во претставата играат: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Jасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер. Сценограф е Костантин Трпеноски, музички соработник е Ади Имери, костимографи се Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев.
Б. НЕСТОРОСКА