ПРЕД „ЦРНО СЕМЕ“ БЕШЕ МИЛЕНИК, ПО „ЈАЗОЛ“ БЕШЕ ВО НЕМИЛОСТ, НО НЕГОВИОТ ОПУС ГИ ФРЛИ ВО ЗАБОРАВ ЛИЦЕМЕРИТЕ – ИЗЛЕЗЕ ДВД СО 4 ФИЛМОВИ НА КИРИЛ ЦЕНЕВСКИ

    ПРЕД „ЦРНО СЕМЕ“ БЕШЕ МИЛЕНИК, ПО „ЈАЗОЛ“ БЕШЕ ВО НЕМИЛОСТ, НО НЕГОВИОТ ОПУС ГИ ФРЛИ ВО ЗАБОРАВ ЛИЦЕМЕРИТЕ – ИЗЛЕЗЕ ДВД СО 4 ФИЛМОВИ НА КИРИЛ ЦЕНЕВСКИИзданието ги содржи филмовите „Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Oловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат

    „Со своите филмови Кирил Ценевски е бунтовник. Бунтовност насочена не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот“, рече филмскиот критичар Влатко Галевски на денешната промоција ДВД изданието на неговите четири дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во Кинотеката.

    Изданието ги содржи филмовите „Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Oловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.

    Ценевски (76) со години не се појавува во јавност и три децении не работел филм, но промоцијата помина со гости од филмската фела, актери кои играле во неговите филмови, продуценти, композитори, а дојдоа и српскиот глумец со македонско потекло Лазар Ристовски, како и македонската актерка од Хрватска Костадинка Велковска.

    „Црно семе“ (1971) е снимен по сценарио на Ташко Георгиевски. Филмот има добиено многу награди, како „Златна арена“ за режија и најдобра машка улога, „Златен венец“ за најдобро дебитанско остварување доделени во Пула во 1971

    Галевски рече дека Ценевски е самосвесен човек и уметник, и дека причините за својот креативен рез, делумно ги наоѓа и кај себе, но и во некои објективни околности.

    „Тој го врза филмскиот јазол за кој никогаш не го најде Дамокловиот меч за да го пресече. Можеби оттаму е неговата понатамошна тивка резигнација, неговиот креативен пацифизам, неговата уметничка дефанзива. Тој буквално сам се избори да влезе во филмот, како аматер во друштво на Окан, на Карлос Феро, на Илинденка, со луѓето од својата генерација, со Стефче Ацевски, Зафир Хаџиманов, па подоцна како асистент во ТВ Скопје. Неговата ревносност режисерот Славољуб Стефановиќ-Раваси ја пофали со реченицата: Ако ви се волку талентирани асистентите, какви ли ви се режисерите“, кажа Галевски.

    Тој ја сподели и причината зошто во „Црно семе“ нема музика, а ја направил композиторот Илија Пејовски.

    „Конечното решение беше на одјавната шпица да оди песната ‘Со маки сум се родила’. На една затворена проекција пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката пролеал солзи и децидно побарал да се исфрли музиката. Рекол ‘Не сакам да се плаче на мојот филм’. Така ‘Црно семе’ остана без ниту една нота. Музиката во ‘Црно семе’ ја правеа птиците, брановите и тишината“, рече Галевски.

    Критичарот кажа дека Ценевски  во кариерата се водел од правилото кое го запаметил од едно од предавањата на американскиот продуцент и сценарист Роберт Вајс: „Професијата режисер е да знаеш да бараш нешто да се направи, а не да покажуваш како нешто се прави. Никогаш немој да ги учиш глумците како да глумат, снимателот како да снима“.

    „ Ценевски не застанал зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус“, вели директорот на Кинотеката Владимир Ангелов

    Во 1970-те Ценевски почуствувал дека од ова поднебје може да се изнедри филмска приказна за суровоста, поетиката, без резерви и скрупули.

    „На неговото уметничко патешествие тоа ќе биде главниот курс. Насловите на неговите филмови сликовито зборуваат за жанровската разноликост и тематска конзистентност. Црно е бојата што е доминатна, јадот е човековото проклетство, оловно тежок е патот по животните коридори и јазолот како метафора на компликуваниот свет во кој живееме. Такава е перцепцијата на душевната и физичката тегобност на режисерот“, рече Галевски.

    Тој додаде дека Ценевски пред „Црно семе“ бил миленик, по „Јазол“ бил во немилост, но „неговата оставштина го победи времето, ги фрли во заборав неговите опоненти и лицемери. Овој потег на ревиталцизација на неговите филмови е вистинскиот доказ за ова, дека уметноста не може да се уништи“.

    „Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, ‘Црно семе’ , ги освои не само најважните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали. Ценевски не застанал зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус“, вели директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира