„Драми на принцезите“ во режија на Жива Бизовичар од Словенија e новата претстава во Драмски театар во Скопје, чија премиера е закажана за утре во 20 часот. Бизовичар го постави текстот на нобеловката Елфриде Јелинек. Прв драматург на претставата е Ник Жнидаршиќ од Словенија, а втор драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Бизовичар и Жнидаршиќ велат дека циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“, Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим.
„Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата ‘вистинска’ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот. Туркаат низ ѕидот, но не можат да го скршат или да го исчистат за да видат што има зад него. Мора да најдат друг начин“, вели екипата.
Играат седум актерки: Јелена Жугиќ, Ивана Павлаковиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Јасмина Василева, Нина Елзесер и Трајанка Илиева-Вељиќ.
На денешната прес-конференција Драгиќевиќ-Пројковска рече дека ја глуми Трнорушка, која ќе се боцне на трн од роза и се буди во еден необичен свет.
„Се буди во нешто што не го препознава, но се труди да го врати во своите мисли и во своето постоење. Многу е тешко да се разбудиш, да не знаеш кој ќе те бакне, да не знаеш која ќе бидеш ти, кога ќе се разбудиш. Се будам на возраст од 1.000 години, имам 50 години и беше многу интересно кога ја добив улогата зошто јас да ја играм најубавата жена на светот. И така се доживувам јас кога ќе се разбудам не знам на што личам меѓутоа публиката ќе го има ексклузивно право да види како изгледа една жена кога ќе се разбуди од својот задреман сон. Многу кореспондира нашата сцена со денешното општество, имам млад принц кој го Сара Климоска“, рече таа.
Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, а костимите на Александар Ношпал.
Б. НЕСТОРОСКА