При крај се билетите за Василичарските концерти на 12 и 13 јануари, велат од Националната опера и балет (НОБ) за концертот кој традиционално се одржува на верскиот празник Василица. Билетите се по цена од 800, 1.000 и 1.200 денари.
Ќе диригираат Бисера Чаловска и Иван Еминовиќ, а режисер на гала-оперскиот настан е Дејан Прошев.
„Традицијата востановена пред повеќе од 25 години продолжува, оваа година нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, Делиб, Штраус помладиот “, велат од НОБ.
Ќе настапат: Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас), како и Хорот и Оркестарот на НОБ.
Б. НЕСТОРОСКА