Ирските архитектки Ивон Фарел и Шили Мекнамара ја добија Прицкеровата награда за архитектура за 2020, „за нивниот придонес во општеството преку изградените дела и за отворање на патот за жените во професија во која доминираат мажите“, соопшти Том Прицкер, директор на Фондацијата Хајат, која е покровител на наградата. Ова е прв случај две жени да ја добијат Прицкеровата награда, која важи за Нобелова награда во областа на архитектурата.
Според одлуката на жирито, Фарел и Мекнамара кои ја основале нивната фирма пред 42 години во Даблин, „доследно и ненаметливо го постигнаа највисокиот квалитет во архитектурата преку одбирање на специфичната локација каде треба да се гради, функцијата која ја врши и особено за луѓето кои би живееле во тие објекти. Тие се пионери во поле кои традиционално беше и сѐ уште е професија во која доминираат мажите. Со нивниот професионален пат тие се светол пример за другите“.
Лауреатките за АП изјавиле дека нивната соработка датира од 1969 кога се запознале за време на студиите, и како што велат, многу научиле една од друга и заедно пораснале.
„И ден денес, за нас е интересно што сѐ уште се чувствуваме како сега да почнуваме. Со архитектурата, секогаш го имаш чувството дека додека старееш, се подмладуваш. Постојано и постојано се предизвикуваш самиот себеси. Никогаш не седнуваш и велиш: ‘Ок, тоа е тоа, завршив работа’“, изјавија наградените архитекти.
Освен што работеле на голем број проекти во нивната родна земја, исто така работеле и Перу, Италија и Франција.
Прицкеровата награда е востановена во 1979 од Џеј А. Прицкер и неговата сопруга Синди, а победникот добива парична награда од 100 илјади долари и бронзен медалјон.