ПРИЦКЕРОВАТА НАГРАДА ЗА ПРВПАТ ЈА ДОБИЈА ДВЕ ЖЕНИ, ИРСКИТЕ АРХИТЕКТКИ ФАРЕЛ И МЕКНАМАРА

    ПРИЦКЕРОВАТА НАГРАДА ЗА ПРВПАТ ЈА ДОБИЈА ДВЕ ЖЕНИ, ИРСКИТЕ АРХИТЕКТКИ ФАРЕЛ И МЕКНАМАРАИвон Фарел и Шили Мекнамара ја основале нивната фирма пред 42 години во Даблин. Архитектките во 2018 учествуваа на Биеналето во Венеција. (Фото: АП)

    Ирските архитектки Ивон Фарел и Шили Мекнамара ја добија Прицкеровата награда за архитектура за 2020, „за нивниот придонес во општеството преку изградените дела и за отворање на патот за жените во професија во која доминираат мажите“, соопшти Том Прицкер, директор на Фондацијата Хајат, која е покровител на наградата. Ова е прв случај две жени да ја добијат Прицкеровата награда, која важи за Нобелова награда во областа на архитектурата.

    Според одлуката на жирито, Фарел и Мекнамара кои ја основале нивната фирма пред 42 години во Даблин, „доследно и ненаметливо го постигнаа највисокиот квалитет во архитектурата преку одбирање на специфичната локација каде треба да се гради, функцијата која ја врши и особено за луѓето кои би живееле во тие објекти. Тие се пионери во поле кои традиционално беше и сѐ уште е професија во која доминираат мажите. Со нивниот професионален пат тие се светол пример за другите“.

    Универзитетот Бокони во Милано е еден од проектите на ирските архитектки. (Фото: АП)

    Лауреатките за АП изјавиле дека нивната соработка датира од 1969 кога се запознале за време на студиите, и како што велат, многу научиле една од друга и заедно пораснале.

    „И ден денес, за нас е интересно што сѐ уште се чувствуваме како сега да почнуваме. Со архитектурата, секогаш го имаш чувството дека додека старееш, се подмладуваш. Постојано и постојано се предизвикуваш самиот себеси. Никогаш не седнуваш и велиш: ‘Ок, тоа е тоа, завршив работа’“, изјавија наградените архитекти.

    Освен што работеле на голем број проекти во нивната родна земја, исто така работеле и Перу, Италија и Франција.

    Прицкеровата награда е востановена во 1979 од Џеј А. Прицкер и неговата сопруга Синди, а победникот добива парична награда од 100 илјади долари и бронзен медалјон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира