РАБОТНИЦИТЕ ВО КУЛТУРАТА НЕ ГО ДОБИВААТ ЗАСЛУЖЕНОТО ПОРАДИ НЕРАБОТНИЦИТЕ СО ПАРТИСКА КНИШКА, ВЕЛАТ ОД СИНДИКАТИТЕ НА КУЛТУРАТА

    РАБОТНИЦИТЕ ВО КУЛТУРАТА НЕ ГО ДОБИВААТ ЗАСЛУЖЕНОТО ПОРАДИ НЕРАБОТНИЦИТЕ СО ПАРТИСКА КНИШКА, ВЕЛАТ ОД СИНДИКАТИТЕ НА КУЛТУРАТАБорис Вишин од Синдикатот на Операта на МОБ, Александар Стојчески од Синдикатат на Оркестарот на МОБ, претседателката на СКРМ Сања Арсовска, Марија Тодороска од Синдикатот на музеите и Агие Десдаровиќ од Синдикатот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (Фото: СДК.МК)

    Работниците во културата не може да го добијат заслуженото пради неработниците вработени со партиска книшка, бидејќи сѐ уште функционира црвениот телефон, рече денес Агие Десдаровиќ од Синдикатот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на прес-конференцијата на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ). Десдаровиќ, заедно со претседателката на СКРМ Сања Арсовска и колегите од синдикатите на Операта и Оркестарот на Македонската опера и балет и на Музеите, реагираа дека и покрај активностите и соработката со Министерството за култура сѐ уште постои големо незадоволство кај нивното членство.

    Тие истакнаа дека се незадоволни оти во културата нема покачување на платите од 5 отсто, како што се зголемија платите во образованието и здравството, како и дека, како што рекоа, само за овој сектор сѐ уште важат антикризините мерки од 2009 година.

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ОБВИНУВА ЗА НЕЗАКОНСКИ ВРАБОТУВАЊА И УНАПРЕДУВАЊА, ЌЕ ГИ ОСПОРИ СИСТЕМАТИЗАЦИИТЕ

    „Во културата постои хаос во однос на начинот на пресметка на платите и нивната висина, така што во одредени институции платите сѐ уште се пресметуваат со бодови, иако тоа треба да биде според коефициенти на сложеност на работното место. Исто така, наспроти колективниот договор од 2005 година, кој патем е последниот важечки правен акт за регулирање на работните односи во културата, вработените од една дејност земаат помали плати во однос на вработените со аналоген статус во друга дејност. Состојбата со платите и правата на вработените во библиотечната, музејската и конзерваторската дејност се екстремно понижувачки (нето платата изнесува околу 18.000 денари за носителите на дејноста). Воедно, платите во одредени локални установи се поголеми од платите на матичните национални установи.
    За неправдата да биде уште поголема, во една институција, вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование земаат различни плати. Исто така, сакаме да укажеме и на долгогодишното неисплаќање на стручните звања и уметничките категории, коешто ни беше ветено, но сѐ уште не е реализирано“, рече Арсовска.

    Состојбата е алармантна во музеите и конзерваторските центари, како што рече Марија Тодороска од Синдикатот на музеите, поради антикризните мерки, со кои се врши забрана за унапредувања, како и забрана за добивање теренски надомест.

    „Поразително е културните работници на Македонија, во 21. век, да земаат пониска плата од просечната во државата“, рече Арсовска, а Тодороска додаде дека магистри и доктори на науките во музеите земаат по 19.000 плата.

    Арсовска кажа дека го поздравува учеството на нивни членови во подготовката на предлог законот за култура каде што конечно успеале во заложбата за укинување на статусот на даватели на јавни услуги за носителите на дејноста во културата. Исто така, на нивна иницијатива, во предлог законот, нема место за одредби кои ги обврзуваат уметниците на времени договори од пет години по што треба да се полагаат реаудиции.

    Синдикатот рече дека се очекуваат уште неколку јавни читања на предлог-законот за култура и да биде донесен во октомври- ноември. Доколку се доцни уште долг период, го повторија нивниот став дека ќе ги преземат сите правни мерки и ќе ја бојкотираат работата на културните јавни институции.

    Александар Стојчески од Советот на СКРМ, говореше за нивниот револт од произнесувањето на Уставниот суд како ненадлежен по прашање на поднесената иницијатива во однос на оценување на уставноста и законитоста на Статутот на СОНК. СКРМ во јули 2018 година, поради правната неможност легално да регрутира членови во јавниот сектор, кое принудно се држи како „членство на СОНК“, како и заради противправно гушење на синдикалниот плурализам од страна на СОНК, поднесе претставка со која основано се оспоруваат нормите од неговиот Статут за кои докажуваме дека се противуставни и противзаконити.

    „Во 2016 година СОНК има донесено измени на сопствениот статут според кои членството се обврзува да плаќа членарина на СОНК три години по доставувањето на истапница од членство. Ваквата одредба е целосно спротивна на Уставот кој гарантира слобода на здружување и раздружување – „Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (член 20 од Уставот на Република Македонија)“. За таа цел, бараме Уставниот суд да ја преиспита својата одлука за ненадлежност по даденото прашање и да отвори постапка за оценка на уставноста и законитоста по нашата предметна Иницијатива, односно истата да не ја отфрли поради ненадлежност, туку да се впушти во нејзина материјална расправа и мериторно одлучување за оспорените членови од овој контроверзен подзаконски правен акт“, рече Стојчески.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира