СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ОБВИНУВА ЗА НЕЗАКОНСКИ ВРАБОТУВАЊА И УНАПРЕДУВАЊА, ЌЕ ГИ ОСПОРИ СИСТЕМАТИЗАЦИИТЕ

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ОБВИНУВА ЗА НЕЗАКОНСКИ ВРАБОТУВАЊА И УНАПРЕДУВАЊА, ЌЕ ГИ ОСПОРИ СИСТЕМАТИЗАЦИИТЕАктерката Сања Арсовска на крајот на февруари на конгрес беше избрана за нова претседателка на Синдикатот на култура на Македонија (Фото: СКРМ)

    Синдикатот на култура на Македонија (СКРМ) реагира на бавното составување на новиот закон за култура и најавува дека ќе ги вложат сите напори и ќе ги искористат правните механизми за да ги оспорат систематизациите кои се противзаконски.

    Претседателката на СКРМ Сања Арсовска, актерка во Драмски театар, на денешната прес- конференција рече дека бараат поинтензивен ангажман од Министерството за култура за итно составување на нов закон за култура.

    „Вработените во културата веќе девет месеци чекаат министерството да го отвори најгорливото прашање – изготвување на нов Закон за култура за кое освен искажаната волја во Националната стратегија и акцискиот план за нејзина имплементација сè уште нема прагматични чекори, ниту конкретна најава за почеток на процесот. Со оглед на тоа дека во стратегијата е вметнато дека новиот закон ќе биде изготвен во 2018 година, а веќе е март и работата во Собранието е отежната, сметаме дека Министерството мора да се обврзе на поголема ажурност“, рече Арсовска.

    Синдикатот бара да се донесе закон за театар, бидејќи театарската дејност е единствената која во Националната стратегија за култура е оставена без посебен закон, а се утврдени бројни нерегуларности во систематизациите во однос на напредувањето и преминувањето од една во друга група актери.

    „Ние како синдикат, во периодот кога стратегијата ќе влезе во собраниска процедура, од пратениците ќе бараме да поднесат амандмани преку кои ќе ги оствариме нашите предлози.

    Врз основа на нашите истражувања и активна анализа на постоечките систематизации, утврдивме дека постојат многубројни неправилности во изготвувањето на истите.

    Имено, систематизациите се изготвувани селективно, забележани се законски пропусти како измислени работни места, противзаконски услови за напредок во кариерата и неадекватни распоредувања на вработените од едно на друго работно место.

    Во оваа насока, бараме Министерството за култура да испрати допис до директорите на институциите со директива да бидат изготвени нови систематизации во кои ќе бидат вклучени синдикалните претставници и носителите на дејноста. Потоа, да се направат соодветни промени во каталогот на работни места, а вработените да бидат распоредени на работни места соодветни на нивното знаење и стручност“, додаде Арсовска.

    Според неа, вработените во културата со години работат во ужасни услови без валоризирани звања и додаде дека во институциите има доктори на науки кои, имаат плата од 18.000 до 20.000 денари плата.

    За ова прашање, од Министерството за култура рекоа дека кај нив се зафатени темелни реформи и дека ќе бидат отврени измени во повеќе закони во сите дејности, вклучувајќи ја и театарската.

    „Сите барања по соодветни дејности, се ставени на маса и ќе бидат решавани во согласност со заедничка широка дебата со вработените од културата и со Синдикатот, со граѓанската инцијатива.

    2019 година е пред нас и се работи сериозно и отворено. Досега претставници од Министерството за култура имаа средби со средби со претставници на Синдикатот околу колективниот договор и се надеваме дека ќе ги запазиме сите рокови за да бидат задоволени сите страни“, рекоа од Кабинетот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

    Од СКРМ испратија барања и до Министерството за информатичко општество и јавна администрација да го пролонгира рокот (31.03.2018 година) за изготвување на систематизации, за доделувања на решенија за распределување на вработените, како и до Министерството за финансии, за одобрување на средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.

    Од кабинетот на Алаѓозовски додаваат оти Министерството е свесно за проблемот кој подолг период е присутен во културните национални установи, а се однесува на донесување на систематизации и издавање на решенија на вработените во културата според прописите за јавна администрација и измените на Законот за култура од 2014 година.

    „Имено, со овие прописи, уметниците и стручните кадри во културата (конзерватори, кустоси, библиотекари, филмолози…) се стекнаа со статус ’даватели на услуги‘, од што им произлезе и сличен третман на правата и обврските како за јавните службеници.

    Бидејќи Законот мора да се спроведува, а решенијата за работни места и евиденцијата на вработените во културата треба да се заврши согласно законските прописи, ние сме подготвени да изнајдеме решение што ќе биде во согласност со законските прописи и ќе го заштити дигнитетот на вработените во културата.

    Предложивме да се употребува терминот ’носител на дејност‘ наместо ’давател на услуги‘ како времено, техничко решение за издавање на решенијата и нивно евидентирање во електронскиот систем на МИОА. Понатаму, преку измените на прописите за јавна администрација и култура што следуваат, ова прашање ќе се регулира соодветно.

    МИОА е подготвено да понуди стручна помош на националните установи за изработка на систематизациите, онаму каде што не се направени.

    Во оваа насока, МИОА предложи можно решение – да се направат измени и стручните звања да бидат евидентирани како развојна компонента на едно работно место (на пример, конзерватор–виш конзерватор – советник конзерватор). Со овие насоки, ќе се завршат обврските во установите, а МИОА ќе може да ги евидентира сите вработени во културата кои примаат плати од Буџетот на Македонија и се дел од јавниот сектор“, рекоа од Министерството за култура.

    Во однос на барањето од СКРМ до финансии, од Култура велат дека проблемот за стручните звања има и фискални импликации, за што ќе треба да се обезбедат и средства преку Министерството за финансии.

    „Откога ќе се завршат претходните активности и ќе се добијат точни податоци за вработените од националните установи, Министерството за култура ќе може да се обрати до Министерството за финансии за надминување на проблемот со стручните звања, кои вработените во културата ги стекнуваат согласно Законот за култура, но тие сега не се соодветно вреднувани во платите. МИОА предвидува измени во Законот во 2019 година, со што ова прашање ќе се реши трајно во интерес на културните работници“, додаваат од кабинетот на Алаѓозовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира