РАНИТЕ ОД ВОЈНАТА ВО БИХ СЕ И НАШИ РАНИ, КАЖА ТЕОНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ ВО ВЕНЕЦИЈА

    РАНИТЕ ОД ВОЈНАТА ВО БИХ СЕ И НАШИ РАНИ, КАЖА ТЕОНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ ВО ВЕНЕЦИЈАЕкипата на „Најсреќниот човек на светот“ и директорот на фестивалот Алберто Барбера пред премиерата во Венеција (Фото: Инстаграм)

    Распадот на Југославија промени сè за нас, раните од војната во БиХ се и наши рани и затоа иако сум Македонка, се решив да раскажам приказна која се случува во Сараево, изјави режисерката и косценаристка Теона Стругар Митевска по денешната премиера на нејзиниот шести игран филм „Најсреќниот човек на светот“ на 79. издание на Венецискиот фестивал.

    Првиот македонски филм во Венеција по 20 години пауза учествува во рамките на паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти, со што исто така ќе се бори за награди и утре ќе има уште една проекција.

    Во 1994, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав, а во 2001 неговиот втор филм „Прашина“ го отвори фестивалот. „Судијата“ на Жанета Вангели беше во една во специјалните програми во 2002 година.

    Најсреќниот човек на светот“ е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснован филмот.

    Ова е приказната на Елма, за нешто што ѝ се случило на неа и таа беше великодушна да ја сподели со мене. Кога почнавме да работиме на филмот, ѝ реков: ‘Елма, јас сум Македонка, дали имам право?‘ И таа ми рече: ‘Тоа е моја приказна и те избрав тебе‘. Важно е да се зборува за војната, зашто видете што се случува денес во Украина. Овој филм зборува за тоа што значи да се живее во војна 30 години откако таа е завршена“, изјави Митевска.

    Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево. Од македонските актери играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ. Директорка на фотографија е Белгијката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите ги изработи Словенката Моника Лорбер, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а монтажер е Пер Киркегард од Данска.

    Имавме кастинг од цела бивша Југославија и цела Европа. Национализмот е голема опасност во светот денес и не носи ништо добро. Светот е убав поради разноликоста и солидарноста. Уметноста треба да биде над националноста, верата и политиката. Ние ги славиме уметноста, филмот и добрите приказни“, кажа актерката и копродуцентка Лабина Митевска.

    По Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе се прикаже и на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира