РОМАНОТ „ТОНИ“ НА РУМЕНА БУЖАРОВСКА ОБЈАВЕН НА ФРАНЦУСКИ ВО ИЗДАНИЕ НА „ГАЛИМАР“

    РОМАНОТ „ТОНИ“ НА РУМЕНА БУЖАРОВСКА ОБЈАВЕН НА ФРАНЦУСКИ ВО ИЗДАНИЕ НА „ГАЛИМАР“Романот е во превод на Клое Бијони е трето дело на Бужаровска објавено од престижниот „Галимар“. (Фото: СДК.МК)

    „Тони“, првиот роман на македонската писателка Румена Бужаровска,  денеска е објавен на француски јазик во издание на „Галимар“ од Париз, еден од најреномираните издавачи во светот. Романот е во превод на Клое Бијон, а по збирките раскази „Мојот маж“ (2022) и „Не одам никаде“ (2025), ова е трето дело на Бужаровска што е објавено од „Галимар“, издавач што постои 114 години. Радиото „Франс култур“ ја опиша Бужаровска како писателка која ги „крши сите табуа со беспоштеден хумор“.

    Годинава „Тони“ беше преведен и објавен и на шпански јазик од издавачката куќа „Едиторијал импедимента“ од Мадрид. Во рецензиите на шпанската критика, меѓудругото, се вели дека Бужаровска претставува искривено огледало и за мажите и за жените, а книжевниот лик Тони се споредува со Хамберт Хамберт во „Лолита“, со Том Рипли од Патриша Хајсмит и со Патрик Бејтман од „Американски психопат“.

    „Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие“, вели македонскиот издавач „Три“.

    Романот во Македонија излезе од печат во 2024 и досега доживеа четири изданија. Веднаш е објавен во Србија и Босна и Херцеговина („Бука“, 2025), Хрватска („Фрактура“, 2025) и Црна Гора („Нова књига“, 2025) Во Октомври ќе излезе од печат и во Албанија, а во текот на следната година романот ќе биде објавен и во Португалија, во САД и во Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира