Писателката Румена Бужаровска задутре (4 декември) ќе го промовира својот прв роман „Тони“, од Издавачкиот центар „Три“. Промоцијата е закажана во 20 часот во Јавна соба.
Ова е прв роман за Бужаровска, која стекна голема популарност со своите раскази и со романизираните есеи „Господ, па Америка“. Нејзино најпознато дело е збирката „Мојот маж“, досега е преведена на четиринаесет јазици и е поставена како театарска претстава во шест земји.
На промоцијата ќе говорат Бужаровска, писателот Петар Андоновски и поетесата и главна уредничка на „Медуза“ – Калиа Димитрова.
Од „Три“ велат дека романoт е брутално комичен и длабоко трагичен, посочувајќи дека реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите.
„Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. ’Тони‘ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие“, најавува издавачот.