„Македонија има неверојатни места да понуди во културниот простор, кои се навистина неистражени. Не знам колкумина од вас биле на Кокино, но неверојатно е изгрејсонцето помеѓу карпите“, рече денес американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, на отворањето на дводневниот Арт симпозиум (Симпозиум за менаџмент во уметноста) кој го организира Амбасадата на САД во Македонија, во соработка со Министерството за култура и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје. Целта на симпозиумот, кој се одржува во Македонската филхармонија, е да овозможи платформа за размена на искуства и знаења за успешно менаџирање со културни институции во земјата.
Бејли рече дека една од силите на САД е што нема Министерство за култура, но има многу организации, владини организации, со специфичен модел во многу активности на државно и локално ниво, и токму тоа е од голема разлика дека, на крајот од денот, не се гледа културата како дел од Владата.
„Таа идеја влијае на целиот наш пристап за културата. И покрај тоа што немаме министерство имаме значајна култура, во секој град има знаменитости кои го подобруваат квалитетот на животот, како и музеи и светски познати сали“, рече Бејли.
На отворањето на симпозиумот, Бејли му посака добредојде на првиот официјален настан на новиот министер за култура Асаф Адеми, кој вчера ја презеде министерската функција од Роберт Алаѓозовски.
Програмата на симпозиумот е наменета за менаџери во уметноста кои се стремат кон понатамошен развој на своите лидерски, менаџерски, финансиски и организациски вештини. Гости од САД се Авива Розентал – заменик директор од Канцеларијата за меѓународна соработка при музејот Смитсонијан во Вашингтон, Филип Хорн – поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус – актер и поранешен директор на Театарот на Уметниците во Портланд, Орегон. На семинарот учествувааат осумдесет културни работници и експерти од Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА