„САДАКО САКА ДА ЖИВЕЕ“ ЗБОРУВА ВО ИМЕ НА СИТЕ КОИ СТРАДАЛЕ ОД ВОЈНИТЕ, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА НОВАТА ПРЕТСТАВА НА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

    „САДАКО САКА ДА ЖИВЕЕ“ ЗБОРУВА ВО ИМЕ НА СИТЕ КОИ СТРАДАЛЕ ОД ВОЈНИТЕ, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА НОВАТА ПРЕТСТАВА НА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИИлиевска-Силјановска, Лукан-Николоски, Кучиновиќ, Фросина Карловицх, директорка на ТДМ, Наковски, Ласовска, Левајковиќ-Бошков и Новотни на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    „Садако сака да живее“ е првата премиера на Театарот за деца и младинци за годинава, закажана за 13 март во 19 часот. Детско-младинската претстава е работена според мотиви од истоимениот роман на Карл Брукнер, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ од Хрватска. Претставата е наменета за публика над 11 години.

    Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки, девојче од Хирошима, кое починало на 13 години во 1955 од последици од атомската бомба која беше фрлена на 6 август 1945.

    ​„​Во моментот кога се случуваат секакви нешта во светот, за кои се зборува и за кои не се зборува, мислам дека е исклучително важно да се занимаваме со теми кои на некој начин проговоруваат за воени ужаси. Се одлучив за овој роман исклучиво од тие причини. ​Романот, всушност, е на некој начин и пресликување на животот на Садако Сасаки. Романот зборува за нејзиниот живот, последиците од зрачењето, односно гама-зраците и за нејзиниот крај. ​Но, претставата проговорува за тоа на поинаков начин, проговорува за нешто што е поважно, а тоа е нејзината желба за живот, нејзината борба против сето тоа и нејзиниот успех да пронајде среќа дури и во моментите кога тоа е речиси невозможно. Мислам дека ова е исклучително важна претстава бидејќи зборува во име на сите оние кои некогаш некаде страдале во која било војна. Не е важно која војна, не е важно од чија страна, туку првенствено од визурата на некое дете кое само сакало да живее“, рече Кучиновиќ на денешната прес-конференција.

    Сцена од претставата. (Фото: Театар за деца и младинци)

    Во претставата играат Анастасија Ласовска во улогата на Садако, Никола Наковски како Шигео, Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на мајката, Катарина Илиевска-Силјановска како таткото, Изабела Новотни во улогата на бабата и Марија Ѓорѓијовска во улогите Господин Војна и Госпоѓа Леукемија.

    Екипата со многу емоции зборуваше за процесот на претставата, потенцирајќи дека не само деца и младинци, туку треба и возрасни да ја гледаат претставата „за една тажна вистина која се случувала и се случува и ден-денес“.

    „Баш би сакала да дојде онаа постара генерација која направи светот да живее вака каков што е. Садако е само едно девојче, ама Садако може да бидат милион дечиња моментално во светот кои сакаат да живеат, ама, за жал, не можат. Така што, јас сакам да ја поканам таа постара генерација во театарот, затоа што во Театарот за деца и младинци возрасните можат да научат многу, затоа што децата се најискрени“, рече Ласовска, која ја игра Садако.

    Режисерката додаде дека претставата нема време и место, не е градена како некој омаж на Јапонија, ниту како омаж на таа култура.

    „Претставата е еден емотивен внатрешен простор без време и простор. И со тоа. всушност. може да се поврзе со која било војна, чија било смрт и со кој било момент. Формата е универзална, како што и секоја војна е, всушност, иста, само формата е поинаква“, кажа Кучиновиќ.

    Креативниот тим го сочинуваат: Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула, Лука Врбаниќ (музика) и Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира