САКАМ ДА СЕ СМЕАТ ЛУЃЕТО И КОГА НЕ СЕ СРЕЌНИ ВРЕМИЊАТА, ВЕЛИ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, ЛАУРЕАТ НА „ДЕНОВИТЕ НА КОМЕДИЈА“ ВО КУМАНОВО

    САКАМ ДА СЕ СМЕАТ ЛУЃЕТО И КОГА НЕ СЕ СРЕЌНИ ВРЕМИЊАТА, ВЕЛИ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, ЛАУРЕАТ НА „ДЕНОВИТЕ НА КОМЕДИЈА“ ВО КУМАНОВОАнгеловски (во средина) со колегите на денешната прес-конференција во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Режисерот и актер Коле Ангеловски (80) ја доби наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарска уметност, посебно во делот на комедиографијата, и стана лауреат на годинешниот 26. Меѓународен театарски фестивал „Деновите на комедија“ во Куманово.

    Одлуката ја донесе Советот на фестивалот во состав: Благоја Чоревски, Ивица Димитријевиќ, Александра Пешевска, Цоки Ристовски и Јакуп Јакупи.

    „Нема театар во Македонија, каде нема работено и нема актер кој барем еднаш немал шанса да работи со Коле. Тој е една жива легенда, тој е редок бисер кој треба да го чуваме и негуваме додека го имаме, и да извлечеме се најубаво и најдобро што можеме од него“, кажа актерот Ивица Димитријевиќ на денешната прес-конференција во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

    Ангеловски на шега кажа дека кај нас има еден чуден феномен кога некој ќе добие награда веќе да не го сакаат сакаат, но тој се надева дека тоа нема да се потврди во овој случај.

    „Јас скоро цел живот работам комедија. А, на овој фестивал веројатно имам повеќе претстави отколку што фестивалот има години. Имав по најмалку две претстави годишно, а една година учествував со четири претстави. Сакам кога луѓето се задоволни, кога се смеат, кога се среќни. Дури и кога времињата не беа многу среќни, а салата беше полна, публиката седеше на скалите во салата и реагираше на секој актерски штос што ми прави големо задоволство. Скоро со сите театри од Македонија сум гостувал на ова сцена“, рече Ангеловски.

    Коле Ангеловски снимил околу 60 филма, од кои во 40-тина играл главна улога, неколку филма режирал, играл во 130 претстави и превел 60-тина текстови кои се поставени на сцените на театрите во Македонија. Досега напишал 2 книги и работи на третата.

    Наградата „Васил Иљоски“ на „Денови на комедијата“ се воведе од 2018 година и досега признанија добиле: Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Шенка Колозова и Благоја Чоревски.

    Од минатата година фестивалот доби и натпреварувачки карактер. Годинава фесталот ќе се одржи од 27 септември до 15 октомври и ќе се одиграат 11 претстави од регионот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира