СЕ ЧЕКА КОНКУРС ЗА ДА СЕ ВРАБОТAT ПРВИТЕ ПЕТ ИНСПЕКТОРИ КОИ ЌЕ ЈА КОНТРОЛИРААТ УПОТРЕБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    СЕ ЧЕКА КОНКУРС ЗА ДА СЕ ВРАБОТAT ПРВИТЕ ПЕТ ИНСПЕКТОРИ КОИ ЌЕ ЈА КОНТРОЛИРААТ УПОТРЕБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКМинистерството за финансии одобри вработувања на пет инспектори, наскоро ги очекуваме и првите конкурси, вели директорката на Инспекторатот Менче Андреева. (Фото: К. Попов)

    Министерството за финансии одобри вработувања на пет инспектори по македонски јазик за во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Директорката Менче Андреева за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Инспекторатот почна со работа како орган во состав на Министерството за култура и туризам, по донесување на соодветни измени и дополнувања на Правилникот за систематизација на работните места одобрени од Министерството за јавна администрација, во јули 2025.

    „Во изминатиот период вложивме максимални напори за обезбедување на сите неопходни административни, правни и технички предуслови за негово функционално воспоставување. Сите институционални постапки кои ги започнавме, а беа законски обврски неопходни за функционирање на Инспекторатот, успешно беа завршени. Приоритетна цел во изминатиов период беше вработување на инспектори по македонски јазик, при што правевме напори тоа да се случи што поскоро и целосно бевме насочени кон екипирање на Инспекторатот. Во таа насока, од наша страна се преземени повеќе активности, а од Министерството за финансии беше одобрен Годишниот план за вработување на Министерството за култура и туризам за 2026 година, во кој се предвидени пет работни места за инспектори по македонски јазик. Наскоро ги очекуваме и првите конкурси за вработување“, вели Андреева.

    Со Решение од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, формирана е Работна група за изготвување на Националната стратегија за македонски јазик. Андреева вели дека со цел да се подобри сегашното ниво на употреба на македонскиот јазик, подготвила и доставила Информација на Владата за утврдување на состојбата на вработен стручен кадар со звање лектор по македонски јазик во органите на државната управа, како и во органите во состав на државната управа, со барање да достават податоци за вработени лектори по македонски јазик и за обезбедување лекторирање, заради исполнување на обврските од Законот за употребата на македонскиот јазик.

    „По добиените податоци, Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, како новоформиран орган, ќе даде насока за почитување на Законот за употребата на македонскиот јазик од страна на институциите. Податоците од оваа анализа ќе бидат искористени и при изготвување на Националната стратегија за македонски јазик“, додава таа.

    Во моментов, во тек е основање на Работна група за донесување на Предлог-уредба со која се пропишуваат фонтовите што овозможуваат соодветно прикажување на македонските писмени знаци во сите форми (стандардна, болдирана и закосена), за службена употреба на македонскиот јазик.

    „Наша заедничка цел, како Министерство за култура и туризам и како Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, е правилна употреба на македонскиот стандарден јазик во сите државни институции, јавни и образовни установи, во медиумите и приватниот сектор“, вели Андреева.

    После цела година откако беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик, Владата лани на крајот на март ја назначи Андреева за директорка на Инспекторатот. Со овој закон, меѓудругото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори во органите на законодавната, судската и извршната власт, во сите јавни установи и институции, во медиумите и конзулатите, тука спаѓаат и правните лица и меѓународните организации.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира