Поради неорганизираност и блокирана сметка на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, кој беше организатор и во чија сала се одржуваше театарскиот фестивал за деца „Малиот принц“ , годинашново шесто издание нема да се одржи.
„Згаснувањето на фестивалот се случува само по пет години негово постоење. Театарските игри за деца се финансираа од Министерството за култура, па штета е поради неорганизираност ‘Малиот принц’ повеќе да не постои, а беше прекрасна едукација за децата, на кои во денешно време компјутерите и мобилните им се единствената комуникација“, вели творецот и уметнички директор на фестивалот, штипскиот писател и драматург Трајче Кацаров.
Кацаров додава дека било планирано „Малиот принц“ да биде балкански фестивал, да има европски карактер како што размери има и истоимениот роман од 1943 на францускиот романсиер Антоан де Сент Егзипери.
„Многу е лошо, непринципиелно и поразувачки кога политиката ќе влезе во театарот и во неговата организација. Тогаш неизбежно се случува да се елиминираат или да се стават на дистанца вистинските творци кои нешто значат, само поради тоа што некои во политиките кои се менуваат сметаат дека не сум бил нивен, а некои дека сум бил ничиј“, вели Кацаров.
Домот на културата во Штип е со блокирана сметка затоа што имало судски побарувања од поединци кои како режисери кои давале услуги на Домот, а за тоа не биле исплатени. Се најавува дека ќе може да се размислува за вакви фестивали кога ќе се подобри финансиската состојба и ќе се деблокира сметката, но и за други активности, бидејќи во последно време речиси и да нема никакви.
Т. ЈОВАНОВСКИ