Над 70 наслови содржи програмата на 12. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс, најавен од 19 до 26 август во Скопје. Филмовите во пет натпреварувачки програми, Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи, ќе се прикажуваат на четири локации, Куршумли ан, Младинскиот културен центар (MKЦ), Музејот на современата уметност (МСУ) и Музејот на Северна Македонија.
Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и МакеКоПроДокс форумот, кои сепак, ќе се одржат онлајн.
Фокус на 12. МакеДокс е дистрибуцијата на документарниот филм со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа.
„Мото на фестивалот е ‘Што сега?’, бидејќи во изминативе две пандемиски години сите имавме желба за патување или барем да се помрднеме од место, но сите бевме вкоренети на едно исто место. Таквата состојба нѐ поттикна да размислуваме околу тоа што сега да направиме и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму“, рече извршнИОТ директор Дарко Набаков на денешната прес-конференција.
Фестивалот отвора на 19 август во Куршумли ан со документарецот „Луѓето од гаражите“ на режисерката Наталија Јефимкина од програмата Нови автори.
Земја во фокус е Украина и ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови, а ќе гостуваат и автори на филмовите.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Вон конкуренција се Земја во фокус и Програмата за деца и младинци.
Б. НЕСТОРОСКА