Едноставно, сакав да напишам роман како што се пишувало некогаш, вели академик Влада Урошевиќ за новиот роман, седми по ред, насловен „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“.
Академик Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Романот во издание на „Арс Ламина“ беше промовиран завчера во полното кино Фросина, кога беа претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика“, рече академик Урошевиќ.
Тој вели дека сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Старовремски роман звучи чудно денес, но мисли дека нему му одговарал. Насловот, вели, можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано.
„Овој роман е напишан како еден израз на носталгија кон некогашните книги што сум ги читал. Израз на некоја потреба од враќање во времињата на детството, на првите лектири. Едноставно, сакав да напишам роман како што се пишувало некогаш. Со бавен вовед во настаните, со лесни навестувања на идниот заплет. Со описи на природата на годишните времиња. Сакав да напишам нешто што ќе даде впечаток на текот на времето. Сакав да ја опишам како времето влијае со својот тек врз луѓето, врз предметите, градбите.Пред сè, ова не е роман со теза, тука сакав да раскажам една приказна, на колку што можев подобар начин. И тоа ми беше целта“, рече Урошевиќ.
Во неговите романи опфаќа многу жанрови, има научна фантастика, елементи на криминалистички роман, на бајка… Урошевиќ вели дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.
„Морам да признам дека секогаш со некоја доза на страв ги отворам моите објавени романи. Кога повторно ги пречитувам во мене се борат две чувства: едното е чувство на извесна радост што моите книги напишани пред неколку десетици години сѐ уште живеат, сѐ уште доаѓаат до читателите на иницијативата на некои издавачи. Тоа ме полни со извесна сатисфакција. Од друга страна, постои едно непријатно чувство на пропуштена шанса – секогаш кога ќе читам своја поранешна книга, си велам, ‘Ова е мошне добро, но можело да биде и подобро!’ Но, за жал, животот се живее само еднаш и нема враќање назад. Она што сме го направиле – сме го направиле. Како што вели Марко Цепенков: ‘Стореното не може да се отстори’. Во тоа лежи трагичноста на нашиот живот и истовремено неговата неповторлива убавина“, рече Урошевиќ.
Промотори на книгите беа авторите на поговорите Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.
Б. НЕСТОРОСКА