„СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ДОБИ ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ФИЛМСКА НАГРАДА ВО САД ШТО ГО ДОБЛИЖУВА ДО НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР

    „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ДОБИ ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ФИЛМСКА НАГРАДА ВО САД ШТО ГО ДОБЛИЖУВА ДО НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк. (Фото: „Конкордија“)

    Македонскиот кандидат за Оскар за најдобар странски филм, документарецот „Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, доби две значајни номинации за наградата Филмско око (Cinema Eye Honors), една од најреномираните светски признанија за документарни филмови.

    „Силјан“  е меѓу 12-те филмови кои добија номинација за Наградата на публиката (Audience Choice Prize). За оваа категорија номинациите се добиваат по гласање на 60.000 гледачи низ целиот свет. Вториот круг од гласањето за годинешен победник ќе се одржи во неделата почнувајќи од 8 декември. Последните седум добитници на Оскар за најдобар документарен филм беа први кандидати за оваа награда.

    За наградата на Филмско око „Силјан“ ја доби и номинацијата за Најдобар кинематографер за камерата на Џан Дакар и неговиот автентичен визуелен пристап и суптилната, но длабоко филмска естетика што го одбележува филмот.

    Наградите за побдниците ќе се доделат на 8 јануари.

    „Иако ‘Силјан’ влезе многу подоцна во кампањата за Оскари, македонската публика масовно застана зад него и ги претекнавме филмовите и продукциите со огромна меѓународна поддршка. Ова ми потврди дека, и покрај сите разочарувања што сум ги доживеала во домашниот филмски контекст, народот знае да ја препознае и да ја поддржи вистинската вредност. Филмот е единствениот неамерикански и неполитички во трката и сепак рамноправно им парира на сите. Тоа е доказ дека од нашето поднебје доаѓа автентичен, слободен и исклучителен квалитет, поразличен од стандардизираните формати што доминираат во светските документарни продукции. Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех, можеме да направиме чудо“, вели Котевска.

    „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување. Според правилата на Американската филмска академија, со оглед дека има американски дистрибутер, „Силјан“ може да се квалификува како кандидат за Оскар и во категоријата Најдобар документарен филм. За квалификација за номинација за Најдобар документарен филм, документарниот филм мора да се прикажува во кино во определени области во САД седум дена непрекинато во перидот од 1 јануари 2025 до 31 декември 2025 година.

    Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026, а доделувањето е на 15 март.

    Од продукцијата велат дека овие номинации за „Силјан“ доаѓаат во момент кога филмот влегува во најкритичната фаза од глобалниот награден циклус и дополнително го засилуваат неговиот профил на меѓународната сцена.

    Котевска со холивудскиот актер Бен Стилер, кој периодов е посветен на документаристика. Од тимот на режисерката велат дека Стилер на забавата на „Синетик медиа“ рекол дека го обожава филмот „Медена земја“ бидејќи тоа е еден од последните филмови што неговиот долгогодишен продуцент му ги препорачал да ги погледне пред да почине.

    „Нешнл џиографик“ ја најави американската премиера на „Силјан“, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември во Центарот Ај-Еф-Си во Њујорк.

    Засега нема информации кога ќе биде официјалната кинопремиера со што ќе почне и редовното киноприкажување на „Силјан“ низ Македонија.

    Kотевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

    „Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.

    Котевска рече дека филмот е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…), а се почнало со многу мал тим, голема желба и сопствени финансии.

    „Филмот имаше тежок пат. Почнавме со многу мал тим и поминавме цела година без некаква информација за каква било финансиска поддршка. Тешко беше зашто немаше заинтересиран ниту еден странски финансиер. Баш во тој период ни беше украден и материјал вреден околу 4.000 евра. Беше многу тешко да продолжиме и да истраеме. Ми помогна искуството со ‘Медена земја’, ментално да успеам да ја буткам целата ситуација. Инаку, живеевме во трејлер неколку месеци поради локациите на штрковите. Буквално одевме од гнездо на гнездо и го следевме целиот нивен животен циклус, од испилувањето до полетувањето“, кажа режисерката, додавајќи дека секој нов филм значи почнување нешто одново, но и големи очекувања.

    „Кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, знаевме дека мора да продолжиме и дека тоа ќе вреди. Промената на миграцијата беше мојата првична идеја и како штрковите јадат од депонии кај нас, но најфасцинантниот момент ми беше односот на Никола со штркот. Не му е ова прв штрк, чувал и претходно. И не е единствениот. Тоа за мене беше најфасцинантно, навистина е нешто посебно таа симбиоза на луѓето особено од источна Македонија, па и од секаде каде има штркови. Многу често се случува да падне штрк и тие да го чуваат“, кажа Котевска.

    Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.

    По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира