Македонската бајка за Силјан Штркот, која претходно беше објавена како дел од изданието „Бајки од Македонија за цела година“, излезе како нова посебна илустрирана сликовница, со илустрации на Катерина Николовска.
Сликовницата е во издание на „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Здружението за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“.
Од новата учебна година изборот бајки од Македонија влегува во наставната програма за основно образование и станува дел од редовните лектири за четврто одделение.
„Кога започнавме со овој проект сакавме да ја поттикнеме креативноста кај младите и да помогнеме во создавање на дело со трајни вредности. Денес, кога ќе погледнам ретроспективно, со гордост можам да кажам дека резултатите ги надминаа сите наши очекувања. Нашата посветеност и ентузијазам создадоа жива култура, а ‘Браво сине!’ помогна да се создадат нови културни форми за уметнички израз. Нашата заложба е македонското книжевно и културно наследство да продолжи да живее и да биде достапно за новите генерации. Затоа особено нè радува што ‘Силјан Штркот’ добива нова форма, прилагодена на најмладите читатели. Ние ќе продолжиме да создаваме и со иста посветеност ќе бараме нови можности за македонската креативност“, вели Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“.
Според Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“, „Силјан Штркот“ е една од оние приказни со кои треба да расте секое дете.
„Во ова дело јасно се препознава и големината на Марко Цепенков како раскажувач. ‘Силјан Штркот’ е сложено дело во кое народниот јазик, фантастиката, хуморот, поуката и психолошката нијансираност се испреплетуваат во единствена целина“, вели Бугариска.
Во рамките на досегашната соработка помеѓу Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ издадени се 80 бајки и четири басни од Македонија. На досегашните јавни конкурси за креирање на овие дела се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори кои доставиле повеќе од 440 текстови. Дел од изданијата на бајките и басните од Македонија се преведени на седум светски јазици, како и на Брајовата азбука, а добитници се и на бројни домашни и меѓународни награди и признанија.


