Граѓаните кои имаат архивски материјал – лични фондови од особено значење за националната и локалната историја како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во земјава, може да го подарат на Државниот архив на Северна Македонија, како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато, повикува директорот Емил Крстески.
Директорот апелира до граѓаните да покажат општествена одговорност, со оглед на тоа дека Архивот врши постојано дополнување на архивските фондови, и додава дека од подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја.
На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите подрачни одделенија, како што вели Крстески, му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели.
„Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата на функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот“, рече Крстески.
Преземањето архивски материјал се изведува со ангажирање архивисти од Државниот архив, така што со можните иматели се води преписка, се остваруваат лични контакти и се договараат условите под кои може да се отстапи архивскиот материјал што е во приватна сопственост.
Заинтересираните може да се обратат на телефонскиот број 02 3237 211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, Кеј „Димитар Влахов“ бр. 19 во Скопје или на следните адреси на е-пошта: [email protected] и [email protected].
Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во подрачните одделенија во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на нивната веб-страна.
Б. НЕСТОРОСКА