Скопје ќе биде европска престолнина на културата. Попладнево во Брисел беше соопштено дека нашиот главен град е избран за европски главен град на културата во 2028 година, а во потесниот избор беше заедно со црногорскиот град Будва.
Одлуката беше соопштена во Куќата на европската историја во Брисел, по вчерашното претставување на програмите на двата финалисти Скопје и Будва.
На прогласувањето во Брисел присуствуваа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Двете го развиорија македонското знаме кога претставниците на ЕУ го отворија пликото и соопштија дека победник е Скопје.
Скопје ја поднесе кандидатурата за европска престолнина на културата во 2018 година во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, а тогаш министер за култура беше Роберт Алаѓозовски.
Град Скопје соопшти дека во процесот за кандидирање Градот добил поддршка од министерката за култура, од Владата и од претседателот на државата.
А. АНТЕВСКА