Американски и скандинавски музичари доминираат на 37. издание на Скопскиот џез фестивал, што се отвора вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) и ќе трае до недела.
Во четирите дена од фестивалот, ќе можат да се проследат вкупно 12 концерти, кои освен во МОБ, ќе се одржуваат и во Денсинг салата на Младински културен центар (МКЦ), каде на програмата ќе бидат полноќните свирки.
Фестивалот го отвора еден од најиновативните британски пијанисти Александер Хокинс, кој е самоук музичар, но и вистински мајстор на импровизацијата.
По Хокинс, во МОБ од 22 часот следува мешавина од џез и хип хоп, што на сцената ќе ги обедини квартетот на саксофонистот Дејвид Мареј и култниот американски поет и рапер Сол Вилијамс. Како еден од најпознатите претставници на таканаречената слем поезија, 46-годишниот Вилијамс во своите настапи внесува и раскажување и алтернативен хип хоп.
Програмата на полноќ се сели во МКЦ, кадешто ќе настапат американскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав, чија соработка трае од 2013 година и се карактеризира со бразилски песни, вокали, бучни гитари и силни тапани.