Формирана е работна група за ревитализација на скопското Кале, обезбеден е и буџет и наскоро ќе се отвори како активна туристичка атракција, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Скопското Кале со години е запуштено. Во 2011 почнаа да се градат три музеи, Музеј за праисторија, од османлиски и од средновековен период, но до ден денес ниту се отворени, ниту пак е просторот уреден.
Според Управата за заштита на културноро наследство, целосно изградените музеи на предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот периот се целосно запуштени, а видливи се и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на археолошките предмети од средновековниот период, кој не е дограден, е целосно обраснат од вегетација.
Говорејќи на прес-конференцијата за 100 дена Влада, Љутков кажа дека локалитетот изгледа ужасно но, целта е Калето да биде отворено за јавноста и дека се обезбедени средства преку Управата за заштита на културното наследство.
„Тргнати сме во постапка за отворање на музеите. Има Музеј од праисторија, од османлиски и од средновековен период, треба да се довршат. Таму има преголема вегетација, ќе се расчисти целиот простор и ќе почнеме официјално да го отвориме просторот за посетители. Бидејќи сега се посетува на диво, нема никаква заштита, претпосставувам дека е опасен за движење. Јас бев пред 2 недели таму и изгледа ужасно. Имаме работна група која ја обезбедува целата документација што е потребно за да се отвори. Не треба многу, со многу мали решенија ќе можеме да го отвориме Калето и а понатаму ќе продолжиме со отворање на музеите“, рече министерот.
На новинарско прашање дали очекува тензии, бидејќи во 2011 македонски и албански демонстранти се тепаа со камења поради најавите дека ќе се гради музеј-црква, едните во име на одбрана на објектот а другите, противници на неговата изградба, Љутков рече: „Таму нема да има црква. Тоа се музеи. Треба да разграничиме што се музеи и не знам што е проблематично. Музејот на средновековниот период е останат во таква форма како што е. Тоа беше политичка одлука не беше рационална. Не можам да разберам зошто би се создавале тензии. Тоа било недоразбирање“.
Според информација од официјалната страница на Управата за заштита на културното наследство, уште на самиот влез може да се види дека Скопската тврдина Кале е целосно запуштена.
„Вегетацијата која не се одржувала, освен централниот дел и тоа при ретките официјални посети на високи функционери, целосно ја има обраснато тврдината, а некои делови се целосно непристапни. Освен тоа видливо е дека во последните 7 години воопшто не е инвестирано за било какви интевенци за непосредна зашитита, односно за конзервација на откриените објекти. При посетата на мнинистерот на 17 септември е заклучено дека Скопската тврдина Кале треба што е можно поскоро да се ревитализира како би станала активна турискичка атракција за промоција на нејзината богатата историја“, вели Управата.
Б. НЕСТОРОСКА