СО КОНЦЕРТОТ „МИЛАНОВА ИГРА“ ФОЛК ЅВЕЗДИТЕ ЕМОТИВНО ГО ЧЕСТВУВАА НАСЛЕДСТВОТО НА КОМПОЗИТОРОТ МИЛАН ЗАВКОВ

    СО КОНЦЕРТОТ „МИЛАНОВА ИГРА“ ФОЛК ЅВЕЗДИТЕ ЕМОТИВНО ГО ЧЕСТВУВАА НАСЛЕДСТВОТО НА КОМПОЗИТОРОТ МИЛАН ЗАВКОВСузана Спасовска ја повика на сцената Виолета Томовска и сите учесници и во чест на нејзиниот роденден односно, денес, кога таа полни 81 година, заедно ја изведоа „Ај засвирете млади момчиња“. (Фото: К. Попов)

    Емотивен и топол омаж на творештвото на композиторот Милан Завков, беше синоќешниот концерт во Филхармoнијата, насловен „Миланова игра“. Врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, ненадејно почина на 7 февруари 2023 на 61 година, оставајќи наследство како композитор и аранжер од над 800 дела.

    Виолета Томовска. (Фото: К. Попов)

    За овој концерт беше специјално формиран камерен оркестар, диригираше Дијана Имери-Илкоска, а беа изведени вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, во инспиративни аранжмани преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски. Настапија доајените на фолк музиката Виолета Томовска, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан и Ленче Кукиќ и музичарите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано). Концертот го органираше„Баги комуникации“.

    Публиката уживаше во фолк песните и ората,  потсетувајќи се на богатото музичко наследство на Завков, а крајот беше особено емотивен кога Сузана Спасовска ја повика на сцената Виолета Томовска и сите учесници и во чест на нејзиниот роденден односно денес, кога таа полни 81 година, заедно ја изведоа „Ај засвирете млади момчиња“.

    Сузана Спасовска. (Фото: К. Попов)

    Завков на сцената има соработувано со многу музичари, а зад него ќе останат врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и стекнува углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

    Ленче и Горан Кукиќ. (Фото: К. Попов)

    Концертот го водеше Ирена Спировска, која кажа дека Завков почнал да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

    Зуица Лазова. (Фото: К. Попов)

    Во 1970 година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата четиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и значаен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.

    Наум Петрески. (Фото: К. Попов)

    Концертот го диригираше Дијана Имерки-Илкоска. (Фото: К. Попов)

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира