СО НАД 30 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ СЕ СПАСУВА „МАКЕДОНИУМОТ“ ВО КРУШЕВО ОД ПРОКАПУВАЊА, СЕ РАБОТИ И ПРОЕКТ ЗА ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    СО НАД 30 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ СЕ СПАСУВА „МАКЕДОНИУМОТ“ ВО КРУШЕВО ОД ПРОКАПУВАЊА, СЕ РАБОТИ И ПРОЕКТ ЗА ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ВЕЛИ ВЛАДАТАТрагите од претходните прокапувања се најизразени околу витражите каде има пукнатини на бојата и малтерот од ѕидовите, како и во деловите околу челичната конструкција. (Фото: Архива на СДК.МК )

    Обезбедени се 2,5 милиони денари (над 30 илјади евра) за интервентна заштита на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој со години прокапува, најави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева. Според Митева, реконструкцијата е почната пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017.

    „Свесни за културната и националната важност на ‘Македониумот’, Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со националната установа Завод и музеј Прилеп, веќе презема конкретни и одговорни чекори. За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова,  Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција“, рече Митева.

    Споменичкиот комплекс е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Македониумот е еден од најпознатите македонски објекти во светот. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.

    Во јули 2023, од Министерството за култура рекоа дека во изминатите неколку години се изработиле неколку проекти за конзервација и санација на сите сегменти од споменичната целина. Но, тековно се појавувале проблеми, меѓу кои и штети предизвикани од временски непогоди, поради кои проектната документација трепела измени.

    „Друг сериозен предизвик се појави и во делот на конзервација на витражите, област во која се соочуваме со недостаток на стручни лица во нашата земја, за што во тек е комуникација со експерти од странство. Се надеваме дека нашите напори ќе вродат со плод и ќе биде изработен и реализиран проект за заштита на овој уметнички сегмент од споменикот, во согласност со сите современи стандарди“, рекоа тогаш од Министерството.

    Кажаа и дека заштитата на Македониумот е приоритет и оти за таа цел, во буџетот предвиден за 2024 година Министерството за култура ќе бара соодветна ставка за да може да се реализира голем дел од заштитата токму за 50-годишнината на споменикот. Најавија и дека од особено значење ќе биде и вклученоста на меѓународната заедница и од финансиски аспект и во однос на обезбедување експерти за конзервација на одделни сегменти на споменичната целина.

    „Истовремено, надлежната установа, НУ Завод и Музеј – Прилеп реализира конзерваторски истражувања и анализи на различни сегменти, за што во тек е изработка на посебни проекти за нив. Реализацијата на активностите за заштита на Македониумот ќе добијат највисок интензитет во текот на 2024 година, а истите ќе се реализираат врз основа на издржани проекти кои ќе обезбедат подолготрајна заштита“, кажаа тогаш од Министерството за култура.

    Најавено беше дека крајот на 2023 предвидена е финализација на конзерваторски проект за партерно уредување и оградување на дел од заштитниот простор на споменикот со детали на урбана опрема и хортикултурно уредување, а неговата реализација е превидена за 2024 година. Изведбата на проектите предвидено беше да се одвива сукцесивно, преку добивање на потребните дозволи и одобренија и теренската изведба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира