ЗА ЗАШТИТА ОД ПРОКАПУВАЊЕ И ЗА ОБНОВА НА ВИТРАЖОТ ВО МАКЕДОНИУМОТ ВО КРУШЕВО СЕ БАРА ПОМОШ ОД СТРАНСТВО

    ЗА ЗАШТИТА ОД ПРОКАПУВАЊЕ И ЗА ОБНОВА НА ВИТРАЖОТ ВО МАКЕДОНИУМОТ ВО КРУШЕВО СЕ БАРА ПОМОШ ОД СТРАНСТВОЗа конзервација на витражите недостига кадар во земјава, па се разговара со експерти од странство. (Фото: СДК.МК)

    Ни бојата од годишнешното молерисување на Македониумот во Крушево, најзначајниот споменик за Илинден, целосно не ги покри трагите од претходните прокапувања во објектот. Најизразени се околу витражите каде има пукнатини на бојата и малтерот од ѕидовите, како и во деловите околу челичната конструкција. На 2 Август споменикот прославува 49 години, а после безмалку пола век постоење потребна е и конзеравција на витражите, ремек-дело на уметникот Борко Лазески.

    Споменичкиот комплекс е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Македониумот е еден од најпознатите македонски објекти во светот. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design)  го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.

    Проблемот со прокапувањето не е решен. Тоа е во делот на витражите и челичната конструкција. Тоа ни прави најголем проблем кога има врнежи, вели директорот Тана. (Фото: СДК.МК)

    Надлежните ги потврдија проблемите со кои се соочува Македониумот. Велат, споменикот зафаќа голема површина и е комплексен, па се прават посебни проекти за различните сегменти, а во делот на витражите недостига кадар во земјава, па се разговара со експерти од странство.

    „Ние тековно го одржуваме. Годинава целосно е молерисан, деловите каде имаше прокапено се санирани. Кон витражите имаме мали проблеми кои треба тековно да се решат во координација со надлежните институции Министерство за култура и Завод и музеј – Прилеп. Во споменикот целосно е реновиран подот, хортикултурно цело време се одржува, осветлувањето е целосно променето. Но, проблемот со прокапувањето не е решен. Тоа е во делот на витражите и челичната конструкција. Тоа ни прави најголем проблем кога има врнежи. За негово санирање се изработува проект во Завод и музеј – Прилеп. Тоа е пообемен проект и затоа оди побавно“, вели Тома Тана, директор на Историскиот музеј во Крушево.

    И на надворешниот дел од споменикот Илинден, познат како Македониум, 25-метарска бетонска купола која според некои налукува на срце, а според други на боздоган, под витражите има одронување на малтерот. Директорот Тана вели дека ова е спомен-обележје од прва категорија, па се надева дека ќе се одобрат средства за сите реставраторски зафати и дека на јубилејната 50-годишнина в година целосно ќе светне.

    Влезот чини 50 денари, но посетителите забележуваат дека внатре дел од витрините се празни.

    „Внатре е гробот на Карев, релјефите, витражите, но освен фотографии од градот и неколку постери за историјата на востанието и војводата, немаше што друго да се види. Недостига историска поставка со документи и експонати“, коментираа посетителите.

    Надворшноста од споменичната целина со спомен-паркот, амфитеатарот и криптата со посмртни останки ги затекнавме беспрекорно оддржувани, никаде немаше отпадок, а тревата беше искосена.

    Од Министерството за култура велат дека во изминатите неколку години се изработиле неколку проекти за конзервација и санација на сите сегменти од споменичната целина. Но, тековно се појавувале проблеми, меѓу кои и штети предизвикани од временски непогоди, поради кои проектната документација трепела имени.

    „Внатре е гробот на Карев, релјефите, витражите, но освен фотографии од градот и неколку постери за историјата на востанието и војводата, немаше што друго да се види. Недостига историска поставка со документи и експонати“, коментираа посетителите. (Фото: СДК.МК)

    „Друг сериозен предизвик се појави и во делот на конзервација на витражите, област во која се соочуваме со недостаток на стручни лица во нашата земја, за што во тек е комуникација со експерти од странство. Се надеваме дека нашите напори ќе вродат со плод и ќе биде изработен и реализиран проект за заштита на овој уметнички сегмент од споменикот, во согласност со сите современи стандарди“, велат од Министерството.

    Заштитата на Македониумот е приоритет и за таа цел, во буџетот предвиден за 2024 година Министерството за култура ќе бара соодветна ставка за да може да се реализира голем дел од заштитата. Велат дека од особено значење ќе биде и вклученоста на меѓународната заедница и од финансиски аспект и во однос на обезбедување експерти за конзервација на одделни сегменти на споменичната целина.

    „Истовремено, надлежната установа, НУ Завод и Музеј – Прилеп реализира конзерваторски истражувања и анализи на различни сегменти, за што во тек е изработка на посебни проекти за нив. Реализацијата на активностите за заштита на Македониумот ќе добијат највисок интензитет во текот на 2024 година, а истите ќе се реализираат врз основа на издржани проекти кои ќе обезбедат подолготрајна заштита“, додаваат од Министерството за култура.

    До крајот на 2023 предвидена е финализација на конзерваторски проект за партерно уредување и оградување на дел од заштитниот простор на споменикот со детали на урбана опрема и хортикултурно уредување, а неговата реализација е превидена за наредната 2024 година. Изведбата на проектите ќе се одвива сукцесивно, преку добивање на потребните дозволи и одобренија и теренската изведба.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира