СО НЕВЕРИЦА, СЕПАК ВЕРУВАМЕ ДЕКА ПОЕЗИЈАТА ПОСТОИ И ВО ОВАА НЕЈАСНА ЕПОХА, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСЕЦОТ НА СВП ШУНТАРО ТАНИКАВА

    СО НЕВЕРИЦА, СЕПАК ВЕРУВАМЕ ДЕКА ПОЕЗИЈАТА ПОСТОИ И ВО ОВАА НЕЈАСНА ЕПОХА, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСЕЦОТ НА СВП ШУНТАРО ТАНИКАВА91-годишниот јапонски поет Шунтаро Таникава не дојде во Струга, наградата ќе ја прими син му, композиторот и пијанист Кенсаку Таникава. (Фото: СВП)

    „Иако не сум во можност да бидам со вас тука како физичко битие, за среќа можам да ве поздравам во моментов како зборовно битие. Многу сум горд што ја добив наградата која во минатото била доделувана на голем број сјајни поети со најразлични мајчини јазици“, кажа во аудиопораката 91-годишниот јапонски поет Шунтаро Таникава, годинешниот лауреат на Златниот венец, кој поради својата поодмината возраст и здравствени ризици не дојде во Струга каде вечерва се отвораат Струшките вечери на поезијата (СВП).

    „Се присетувам дека сите ние, макар со одредена неверица, сепак веруваме дека поезијата постои дури и во оваа нејасна и несигурна епоха, исто како што постоела уште од античките времиња, и дека поезијата не произлегува од редот и поредокот, туку од вителот на нејаснотијата. Чувствувам блиско сродство и длабока почит за природата и историјата од кои оваа награда настанала. Не сум убеден дека зборовите што ги имам напишано навистина ја заслужуваат наградава, но не можам, а да не бидам исполнет со радост, радост која на мојава 90-годишна возраст одекнува со спонтана ‘радост на животот’ од моите детски денови. Ве молам простете што ви се обраќам само како глас, и прифатете ја мојата благодарност од дното на срцево“, кажа на на прес-конференцијата Таникава, каде во негово име лично се заблагодари син му јапонскиот композитор и пијанист Кенсаку Таникава.

    Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ неофицијално се означи почетокот на СВП, дрва засадија Кенсаку Таникава и специјалниот гостин, израелскиот поет Амир Ор, лауреатот на СВП во 2020.

    Ор рече дека се надева оти се гледа крајот на пандемијата, којашто го спречи да присуствува на СВП во 2020.

    „Традицијава започна овде, во земја што ја сака и цени поезијата, во родниот град на браќата Миладиновци и на фестивалот каде започна оваа реномирана агора на поезијата. Ова несомнено е традиција што ја става Македонија на почесно столче во салата на културното значење и на Европа и на светот. Ништо слично не може да го надмине признанието кога во 2020 година бев прогласен за лауреат, признание дека моите дела се наградени преку ушите и срцата што ги заслужува поезијата. Згора на тоа, како Израелец, не можам да заборавам дека мојот народ, Евреите, дојдоа во земјава уште пред 1.800 години и придонесоа за неа најдобро што можеа. Не можам да заборавам ниту дека нивната долга историја овде заврши во Втората светска војна, кога во 1943 година речиси сите Евреи од Скопје и Битола, мажи, жени и деца, беа депортирани во Треблинка и убиени во гасните комори. Сакам да го прогласам токму овој момент, посветен на просветлената страна на човечкиот живот, за уште една станица во обновата на нашата меѓусебна поврзаност“, рече Ор.

    61. издание на фестивалот се отвора вечера 20:30 часот на терасата во хотелот „Дрим“, а најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата. СВП годинава се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира