После повеќе од 60 години, сменети се столчињата во Театар Комедија, со донација од Полската амбасада во Македонија. Театар Комедија се отвори во 2011, а сместен е во просториите на некогашниот Театар Центар, или објект на Македонскиот народен театар (МНТ).
Денес Комедија ја дели сцената и просторите со Турскиот театар, чиј нов објект се гради повеќе од десет години.
„Во Театар Комедија, на чија сцена настапува и ансамблот на турската драма, со средства обезбедени преку Програмата на Министерството за култура и туризам во износ од над 5,3 милиони денари, беа набавени и монтирани 305 нови столчиња во гледалиштето, како и најсовремен ПВЦ-под под нив.
Вкупната вредност на проектот изнесува 9 милиони денари, од кои 2 милиона денари се обезбедени како донација од Амбасадата на Република Полска и Институтот ‘Адам Мицкиевич’. Со ова, по повеќе од шест децении, конечно ставаме крај на неудобното седење, а старите и амортизирани седишта ќе бидат донирани таму каде што навистина се потребни“, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов рече дека сега гледалиштето е намалено за некои 30тина седишта, поради запазување на безбедносни протоколи.
Амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора за на 28 ноември ја најави премиерата на претставата „Ивона, принцезата од Бургундија“ од полскиот драматург Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска.
Бримора кажа дека поддршката е една од поважните активности на дипломатијата на Полска во многу региони во светот која го вклучува и Западен Балкан.
„Амбасадите на Полска во регионот спроведуваат многу проекти секоја година. И ова е пример за поддршка на Полска во проект што успешно го завршивме со Театар Комедија во Скопје. Тоа беше совршено партнерство и сум многу задоволен од резултатот“, рече амбасадорот.
Б. НЕСТОРОСКА



