Народниот музеј од Велес работи со само петмина вработени плус директорот. Со ваквата состојба ограничени се активностите кои треба да ги преземе за истражување, конзервирање на предметите кои се во нивна сопственост, рече директорот на институцијата Ангел Коруновски пред членовите не Советот на Општина Велес. Народниот музеј од Велес се грижи за спомен-куќите на Рацин, Главинов, Џинот, на Касапови, Спомен-костурницата, петте спомен куќи од НОБ во Горно Врановци.
„Велешкиот музеј е прва таква институција во Македонија, темел на музејската дејност во земјава и несфатливо е ова што ни се случува. Ние сме институција која има двајца стручни работници, кои работат осум проекти од национален интерес. Музејот нè дефинира како град и тој е многу битен за животот во него. Застанав на директорската позиција, како уметник да се изборам за подобра, подостоинствена позиција на Велешкиот музеј. Како работиме е донкихотска борба. Имаме десет објекти за кои се грижиме, а имаме еден хигиеничар, каде и кога попрво да стигне“, рече Коруновски.
За неколку години, бројот на вработени од 14 се симнал на шестмина, заедно со директорот како назначено лице. Откако е Коруновски директор, за година и пол се пензионирале четворица.
„Музејот не може да фукнционира, еден вработен работи по десет други работи за да опстанеме. Имаме дефицит на кадар и затоа набавивме одредени технички помагала, кои на посетителите преку видеопрезентација треба да им ги доловат потребните информации. Така може да се запознаваат со збирките и со одделенијата. Работиме на реконструкција на Археолошкото одделение, набавивме витрини за да ги изложиме пронајдените предмети. Создаваме поставка со дела кои се во наша сопственост“, додаде Коруновски.
На забелешките од советниците дека музејот не може да вработи нови лица оти таков кадар не постои во Велес, Коруновски објасни дека кадар има, но нема дозвола за вработување.
„Не е точно дека стручен кадар во Велес не постои, постои. Проблем е што не добиваме согласност од Министерството за финансии, иако од Министерството за култура и од Министерството за информатичко општество имаме. Кај нас има стручен кадар кој волонтира. Вработениот кој се грижеше за Спомен-костурницата отиде во пензија и таа сега е оставена без човечка грижа, на забот на времето. Споменичениот комплекс на почетокот имал десет вработени, сега ниту еден“, кажа Коруновски.
Директорот на Народниот музеј додава дека ова е резултат на одлуката Општината да ги преземе ингеренциите за оваа институција од областа на културата.
„Грешката е направена кога Музејот од национална се симна на локална институција. И од 40 вработени падна на сега петмина. Ги изгубивме сите одделенија. Град кој е значаен за македонската историја, нема Историско одделение, трагедија“, вели Коруновски.
П. ПЕЧКОВ