СОФИСКАТА ОПЕРА И БАЛЕТ ДОАЃА СО ЧЕТИРИ КАМИОНИ ОПРЕМА ЗА „ВАЛКИРА“ НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

    СОФИСКАТА ОПЕРА И БАЛЕТ ДОАЃА СО ЧЕТИРИ КАМИОНИ ОПРЕМА ЗА „ВАЛКИРА“ НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ„Валкира“ се најавува како најексклузивен настан на годинашните Мајски оперски вечери. (Фото: Софиска опера и балет)

    Тим од над 100 луѓе од солисти, Оркестар, Хор и Балет на Софиската опера и балет и четири камиони со костими и сценографија ќе дојдат во Скопје за изведбата на операта „Валкира“ на 52. Мајски оперски вечери, кои во Националната опера и балет (НОБ) ќе траат од 9 до 31 мај. Операта „Валкира“ од Вагнер ќе се изведе на 18 мај од 18 часот.

    Орце Ицковски, уметнички раководител на Операта, вели дека „Валкира“ е најексклузивен настан на фестивалот.

    „За првпат на македонската оперска сцена, Софиската опера и балет ќе прозвучи со творештвото на големиот оперски реформатор Рихард Вагнер, со неговата ‘Валкира’, како дел од она што особено се издвојува од годинашната понуда“, вели директорот на НОБ, Васо Ристов.

    Претставата е во режија на Пламен Карталов, член на Бугарската академија на науките, оперски менаџер и професор, кој 16 години е директор на Софиската опера и балет. Ќе диригира Еван Алексис Крист од САД. Меѓу солистите во „Валкира“ се Маријана Цветкова, Мартин Илиев, Ангел Христос, Гергана Русекова, Цветана Бандаловска и Станислава Момекова.

    Мајските оперски вечери ќе се отворат со премиерата на „Трубарур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, прочуениот македонски режисер чии оперски поставки се наградувани во Русија и низ светот, а првпат режира опера во Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира