Култниот американски автор Џон Вотерс ќе добие Златен Александар за животно дело на 60. филмски фестивал во Солун, што почнува вечерва. На најголемиот филмски настан во регионот, Вотерс ќе има и шоу, мастерклас и карт бланш – програма на филмови по негов избор.
Ретроспективата на еден од најзначајните југословенски и светски режисери Душан Макавејев, „величенствениот анархист“ кој почина лани, е исто така дел од роденденското издание на фестивалот во чија конкуренција за награди се дебија или втори филмови на авторите.
Фестивалот го отвора „Брачна приказна“ на американскиот автор Ноа Баумабах со Скарлет Јохансон и Адам Драјвер, а го затвора новозеландската комедија „Јојо зајче“ на Таика Ваитити.
Директорот на фестивалот Орестис Андреакис вели дека темата на годинешната официјална селекција за награди е „ефектот на перспектива – искуството од гледање на земјата од вселената, искуство кое може темелно да го потресе човечкиот разум“.
Годинава се лансира и нова селекција за награди, Запознај ги соседите, со 10 дебија или втори филмови од автори од Југоисточна Европа, Источен Медитеран и Блиски Исток.
Во популарната селекција Балкански преглед ќе игра и македонскиот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, кој ќе има и посебни проекции како еден од трите кандидати за наградата Лукс на Европскиот парламент.
М. КОСТОВА