СПЕЦИЈАЛНАТА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА 44. „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА ИРСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ШЕЈМАС МЕКГАРВИ

    СПЕЦИЈАЛНАТА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА 44. „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА ИРСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ШЕЈМАС МЕКГАРВИСелекторите денеска ја објавија целосната листа филмови од четирите програми на фестивалот (Фото: К. Попов)

    Шејмас Мекгарви е годинашниот добитник на Специјалната златна камера 300 за особен придонес за светската филмска уметност, објави денеска Симеон Мони Дамевски, директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, чие 44. издание ќе трае од 23 до 29 септември.

    Ирскиот кинематографер досега двапати беше номиниран за Оскар, за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012) и долги години работи во тандем со Џо Рајт. Тој исто така има една номинација за Еми и четири за Бафта.

    Фестивалот се отвора и затвора со македонски филм, „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски и „Лена и Владимир“ на Игор Алексов, а денеска беше објавена и целосната селекција на долгометражни играни филмови од програмата Камера 300. Селекторот Слаѓан Пенев како најинтересни наслови ги издвои „Паднатите лисја“ на Аки Каурисмаки, „Совршени денови“ на Вим Вендерс, „За сувите треви“ на Нури Билге Џејлан, „Анатомија на едно паѓање“ на Жустин Трие и „Астероид Сити“ на Вес Андерсон.

    На фестивалот и годинава ќе има програми за кратка, документарна и студентска програма, чии селектори се Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски.

    Покрај Мекгарви, лауреати на 44. „Браќа Манаки“ се и оскаровецот Питер Бижу (Златна камера 300 за животен опус) и актерката и продуцентка Лабина Митевска (Голема ѕвезда на македонскиот филм).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира