СРПСКИОТ ФИЛМ „ОТЕЦОТ НАШ“ СО МАКЕДОНСКИОТ КОПРОДУЦЕНТ „ДРИМ ФЕКТОРИ“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТОРОНТО

    СРПСКИОТ ФИЛМ „ОТЕЦОТ НАШ“ СО МАКЕДОНСКИОТ КОПРОДУЦЕНТ „ДРИМ ФЕКТОРИ“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТОРОНТОВо филмот играат Бранко Исаковиќ, Вучиќ Перовиќ, Јасна Жалица, Ненад Хераковиќ и Тони Михајловски. (Фото: „Дис енд дет продукција“)

    Дебитантскиот игран филм „Отецот наш” на српскиот режисер и сценарист Горан Станковиќ, копродукција помеѓу Србија, Македонија, Италија, Хрватска, Црна Гора и БиХ, ќе има светска премиера на 50. Филмски фестивал во Торонто (ТИФФ), што ќе трае од 4 до 14 септември.

    Како што соопштија македонските копродуценти Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од „Дрим фектори“, филмот ќе ја има светската премиера во програмата Дискавери (Discovery,) на фестивалот од А-класа во Торонто.  Македонски актер во екипата е Тони Михајловски. Во програмата Дискавери се селектирани први или втори филмови на режисери.

    „Отецот наш“ ја следи приказната за Дејан, зависник од дрога кој доаѓа во еден манастирски комплекс во оддалечен дел на Србија за да се лекува. Таму тој е подготвен да биде под будното око на отец Бранко, харизматичен и строг свештеник чии методи на „излекување“ стануваат сѐ поекстремни.

    „Филмот ја истражува тенката линија помеѓу дисциплина и насилство, помеѓу духовно водство и авторитарна контрола. Она што започнува како систем за поддршка на крај ќе се претвори во затворен систем кој ја оправдува репресијата во името на промената“, вели Станковиќ.

    Во филмот играат и Бранко Исаковиќ, Вучиќ Перовиќ, Јасна Жалица, Ненад Хераковиќ и други. Продуцент на филмот е Снежана ван Хаулинген, а продукциските куќи се „Дис енд дет“ (This and That Productions) од Србија),  „Најтсвим“ (Nightswim) од Италија,  „ПомПом“ од Хрватска, „КИНО“ од Црна Гора и „Нови филм“ од БиХ.

    „Регионалната соработка е од клучно значење за нашите земји да можат да реализираат големи филмски проекти кои ќе бидат забележани и избрани на елитни фестивали како Торонто. Навистина голема привилегија е што нашиот филм ќе ја доживее својата светска премиера во програмата Дискавери на ТИФФ, платформа со светско реноме која ги открива и промовира најталентираните нови филмски автори. Успеавме да собереме голем број македонски креативци кои активно учествуваа во обликувањето на проектот, како Тони Михајловски, Игор Поповски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и други“, изјавија Антов и Вујичиќ.

    Станковиќ претходно има работено како косценарист и режисер на ТВ сериите „Операција Сабја“ и „Утрото менува сè“.

    Филмот „Отецот наш“ е поддржан од Филмскиот центар на Србија, Министерството за култура на  Србија, Агенцијата за филм на Македонија, Министерството за култура и туризам на Италија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Филмскиот центар на Црна Гора, Сараевскиот филмски фонд, Креативна Европа – МЕДИА програмата и RE-ACT фондот.

    Фестивалот во Торонто е еден од најреномираните, а неговите добитници директно се квалификуваат за номинации за БАФТА и Оскар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира